Евроинтеграции

Кофод: Северна Македонија заслужува датум за преговори

01.09.2021 14:45

Данска ја повтори поддршката за почеток на преговорите со Европската унија, на првата станица од турнејата на Балканот. Данскиот шеф на дипломатијата Кофод, истакна дека земјава заслужува почеток на преговори и се надева дека разговорите со Бугарија ќе донесат решение за остранување на ветото...

Данска поддржува за почеток на преговори на земјава со Европската унија. На првата станица од турнејата на Балканот, нивниот шеф на дипломатијата Кофод истакна дека заслужуваме датум и изртази надеж дека разговорите со Бугарија ќе донесат решение за остранување на ветото.

„Сметаме дека Северна Македонија е подготвена да почне со преговори за членство и ние за тоа ќе се залагаме.  Се надевам дека разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија ќе дадат резултат, но ние сме фокусирани врз европската интеграција и многу е важно да се сфати дека реформите и работата во правец на европска интеграција треба да продолжат“, изјави шефот на данската дипломатија, Јепе Кофод.

Министерот Османи истакна дека тешко е во октомври поради ситуацијата со владата во Софија, да се дојде до решение, но дека ќе се продолжи со реформите и комуникацијата со Бугарија.

„Со оглед дека таму ќе има трет изборен циклус, земјава ќе продолжи да работи и со Софија и со европските партнери, со цел побрзо почнување преговори за членство во ЕУ. Не така лесно да се стигне до решение. Но, ние ќе продолжиме да работиме и со Република Бугарија, меѓутоа и со европските партнери“, нагласи министерот за надворешни, Бујар Османи.

Данска и Северна Македонија ќе продолжат да соработуваат во однос на миграциите и преземањето на Авганистанци кои соработувале со меѓународните организации и НАТО силите. Данска ќе дава поддршка и на зелената агенда на земјава. Шефот на данската дипломатија најави донација од милион вакцини за регионот, од кои 250 илјади се наменети за земјава.

 

Ирина Гелевска