Бледски стратегиски форум

Нема друга опција освен европски Западен Балкан

01.09.2021 19:51

Премиерот Заев се обрати на Бледскиот стратегиски форум, којшто се одржа на тема „Иднината на Европа“. Во словенечкото претседателство со блокот се гледа шанса за изнаоѓање решение за блокираниот процес на нашата евроинтеграција и можност којашто треба да се искористи, и земјава заедно со Албанија конечно да ги почнат пристапните преговори...

Нема друга опција освен европски Западен Балкан. На Бледскиот стратешки форум, поддршка за започнување на пристапните преговори со Mакедонија и Aлбанија. На средбата било кажано оти до крајот на годината има доволно време Бугарија и Македонија да го изодат патот до решение кое ќе ја забрза европската интеграција на цел регион и дека решенијата подразбираат грижа за себе, но и грижа за другиот.

„Ние сме во срцето на Европската унија, опркужени со членки, како остров, мала, функционална земја. Мултиетничка, мултирелигиозна и мултикултурна, со голем успех на систем кој функционира, и тоа е нашата атрактивност. Но, ние сме земја што најдолго чека за влез во ЕУ, со 12 позитивни препораки“, рече премиерот Зоран Заев.

Претседателот на Европскиот совет од Словенија со порака дека одржливоста на Унијата зависи од регионот.

„Иднината на Европската унија е неодржлива без Западниот Балкан. Иднината на Европа е проект на вредности, слободи,  на просперитет и влијание. Европската интеграција започна со инструментот на економски просперитет, што се постигнува постепено и врз основа на солидарност меѓу државите“, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Домаќинот на форумот и актуелен претседавач со Унијата, Словенија, уште еднаш ја повтори поддршката за евроинтеграција на земјава. Премиерот Јанша рече дека проширувањето мора да продолжи.

„Проширувањето е клучна стратешка дебата за иднината на Европа. Мојата визија за Европа е иста како и основачите на ЕУ. Европа цела, слободна и во мир со соседството. Ова не е можно без проширувањето. Се уште постојат многу држави на европско тло што заслужуваат да биде исполнета перспективата за членство“, нагласи словенечкиот премиер, Јанез Јанша.

Премиерот Заев ја поздравил определбата на Словенија за време на нејзиното претседателство со ЕУ да спроведе храбри одлуки и решенија во корист на проширувањето.

 

Катерина Топалова