Заев: Со промовирање на досега сработеното не се прекршува законот
За реакциите во јавноста дека во минатото им забележувале на претходните власти дека водат предвремени кампањи, а сега тие го прават истото, рече дека сега се е вградено и регулирано во изборното законодавство.

„Со промовирање на досега сработените проекти не се прекршува законот“ вели премиерот Заев. Според него, сакаат да им покажат на граѓаните нешто позитивно на што се работело за време на пандемијата. За реакциите во јавноста дека во минатото им забележувале на претходните власти дека водат предвремени кампањи, а сега тие го прават истото, рече дека сега се е вградено и регулирано во изборното законодавство.
„Забелешките коишто беа дадени од тогашната опозиција, предводени од мене, беа вградени во Изборниот законик и денеска ќе го видите членот 8-а во којшто се наведува прецизно во согласност СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Беса, Алијанса, ДПА тогаш сите што беа и денеска тоа е консензус на сите како потреба да се отстранат тие слабости и тие се остранети. Генерално законот јасно опишува кога е дозволено, кога не е дозволено. Ние го почитуваме законот. Сакаме да им предочиме на граѓаните нешто позитивно“, вели премиерот Заев.
За ВМРО-ДПМНЕ настанот на кој присуствуваше премиерот Заев за реконструкција на Бит-пазар е гол популизам. Владата отиде на промоција на приватен проект затоа што нема свој- велат од партијата, а при тоа потрошија четири огромни буџети, ја задолжија државата и оставија 60.000 нови невработени на улица.
Во однос на коалицијата на опозицијата за локалните избори, првиот вицепремиер Атан Груби, вели е несвојствена и едвај чека да види како гласачите на едните ќе гласаат за другите.
„По социјалните мрежи ја нарекуваат коалиција ’27-ми‘, тоа е коалиција на поделби, не е коалиција на заедништво, коалиција на Скопје 2014, а не за едно цело Скопје и заедничко наше. Многу е несвојствено и навистина едвај чекам да го видам денот кога сите гласачи на Алијанса со цело свое срце, со цел тој ентузијазам и љубов ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски и Христијан Мицкоски. И обратно, сите тие патриоти на ВМРО-ДПМНЕ, сите кои влегоа на 27 април во Собранието, сите тие што го поддржуваа ’Скопје 2014‘ ќе гласаат со големо убедување и цело срце за Зијадин Села и Алијансата“, изјави вицепремиерот Артан Груби.
Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ велат дека ја разбираат паниката на власта од окрупнувањето на опозицијата затоа што и СДСМ и ДУИ ќе бидат поразени на овие избори и додаваат дека ги паметат времињата кога Артан Груби важеше за еден од најбрзите пратеници кога го притискаше копчето за гласање на владите на ВМРО-ДПМНЕ.
Марина Стојанова Тонева
