Двајца ученици од „Ѓорѓија Пулевски“ позитивни на Ковид-19, во изолација одат и нивни соученици
Двајца ученици од две одделенија од скопското основно училиште „Ѓорѓија Пулевски“ се заразени со Ковид-19. Одат во изолација со дел од нивните соученици. Засега во училиштата има 14 позитивни случаи на Ковид-19. Според ресорната министерка, тоа се само 0,01 насто од учениците што следат настава во училиште со физичко присуство…

Двајца ученици од две одделенија во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром заразени со Ковид-19. Дел од нивните соученици одат во изолација.
Епидемиолозите веќе ја направиле процената кои одат дома. Директорот Јовановски тврди дека веднаш е постапено според здравствените протоколи, откако родителите го известиле училиштето дека по направен брз тест, нивните деца се позитивни на вирусот.
Заклучно со изминатиот ден, 14 позитивни случаи на коронавирусот има во училиштата, но надлежните смируваат дека нема интерна трансмисија. Министерката Царовска уверува – состојбата засега е стабилна. Од 230.000 ученици кои следат настава со физичко присуство, само 0,01 процент се позитивни на Ковид-19. Ист е случајот и кај наставниците.
Покрај овие два случаи, позитивни ученици има и во скопските основни училишта „Љубен Лапе“ и „Кирил Пејчиновиќ“. Според информации од Министерството за здравство, симптоми имаат уште неколку ученици од други училишта, но за нив се чекаат резултати од направените тестови.
Викторија Милевска
