Ковид-19 и менталното здравје

Пандемијата ги испразни психолошките батерии, вакцината светла точка во тунелот

07.09.2021 12:33

Повеќе од 50% од луѓето за време на пандемијата имале симптоми на аксиозност и депресија. Експертите сметаат дека третиот бран најсилно ги испразни психолошките батерии. Четрвртиот, навидум е со послаб интензитет во тој поглед, како резултат на вакцината. Психолозите со силна порака- да се посвети повеќе внимание на адолесцентите...

Било да е на личен, семеен или деловен план, веќе две години пандемијата нанесува суштински потреси и што е најлошо-пад на менталното здравје. Повеќето светски истражувања укажуваат дека над 50% од испитаниците имале симптоми на анксиозност, депресија, осаменост и семејно насилство. Највисоки негативни резултати покажува пролетниот, трет бран. Психолозите велат-дојде до максимална исцрпеност на емотивен и ментален план. Сметаат дека вакцинацијата придонесува во овој бран психолошкиот притисок навидум да изгледа помал.

„Светла точка во тунелот или една надеж којашто не вади од онаа безизлезна ситуација во која немавме никаква контрола и во која луѓето страдаа, не знаејќи како да се заштитиме. И сега е многу добро бидејќи имунизираните луѓе веќе имаат надеж и не се прашуваат повеќе што ќе правиме, туку како ќе се справиме“, вели психологот Марија Котевска Димовска.

И ставот на граѓаните е дека убавото време и вакцината делуваат на психолошки план.

„Мислам дека сега со вакцината, тие што веруваат во вакцината, што сами и другите ги штитат, тие се поослободени, а за другите не знам“, вели една граѓанка.

„Навикнаа луѓето, ама зависи од нив, зависи од личноста“, вели нејзина пријателка.

Со имунизацијата не е зафатена најмладата популација. Битолскиот психолог вели дека адолесцентите се во фокусот на светската научна јавност.

„Тие претставуваат посебна развојна категорија која има голема потреба од социјални контакти да се развиваат на емоционален, на интелектуален, на спортски план, па доколку се изгубат сите овие потреби, тогаш кај нив неповратно можат да се загубат некои таленти и тоа да има последица на нарушување на менталното здравје“, вели психологот Котевска Димовска.

Траумата останува најголема кај они што изгубиле дел од своето семејство. Психолошки последици кои долго ќе се влечат, па затоа таа посочува на воведување на национални методи и програми кои можат значително да помогнат.

Стевче Митревски