Христијан Проданов- првородено дете во независна Македонија
Три минути по полноќ по објавата на референдумските резултати, во Скопје на свет дојде Христијан Проданов, првороденото дете во независна Македонија. Неговото раѓање се случи во моментот додека земјата славеше со огромен огномет и се радуваше на новиот почеток. Христијан вели дека не сака да си замине од државава како повеќето млади луѓе, додава дека од политичарите зависи каква иднина ќе им обезбедат...

Три минути по полноќ, помеѓу осми и девети септември 1991-ва година, по објавата на референдумските резултати, во Скопје на свет дојде Христијан Проданов, првороденото дете во независна Македонија. Неговото раѓање се случи во моментот додека земјата славеше со огромен огномет и се радуваше на новиот почеток. По три децении, Христијан вели дека исто како и земјава, имал подеми и падови, но е среќен што се родил токму во Македонија.
„Семејниот ритуал почнува така што се собираме сите на осми вечерта и се раскажува за моето раѓање, има огномети на плоштад, прогласена е независност, плачам јас, се радуваат сите... Мислам дека беше за 20- годишнината, ме прозваа на сцена и ми честитаа роденден заедно со државата, тоа беше нешто неочекувано, ама потоа дознав дека било договорено“, вели Христијан.
Триесет години подоцна, за разлика од многу негови врсници кои заминаа надвор од Македонија во потрага по подобри услови за живот, Христијан вели дека сака да остане тука и да допринесува за развојот на неговата родна грутка.
„Кон тие што моментално ја водат државата би им порачал да бидат малце поцврсти кон бранење на честа на државата и да се залагаат да ги задржат младите во државата, зошто свесни сме дека сите бегаат. Јас сум еден од ретките што останал“, нагласува Христијан.
Проданов е инженер, но музиката е негова пасија во последните години. На сите оние кои ја водат земјава веќе 30 години, им порачува дека само со задоволни и среќни граѓани, Македонија може да биде на врвот.
Александра Спировска
