Нови мерки против Ковид-19 низ Европа
Задолжителна вакцинација вработените во здравствениот сектор во Франција. Стапија во сила новите корона мерки во Австрија. Холандија ги ублажува мерките, но воведува ковид-пропусница...

Од изутрината Франција почна со задолжителната вакцинација против Ковид-19 на лицата кои работат во здравствениот сектор. Стапи во сила новата мерка која треба да опфати околу 2,7 милиони здравствени работници. За да продолжат со својата професија, тие ќе мора да обезбедат доказ дека примиле барем една доза вакцина. Два месеца откако францускиот претседател Макрон им постави ултиматум на здравствените работници, некои од нив продолжуваат да одбиваат да се вакцинираат. Предупредија и дека може да се случи здравствена катастрофа. Упатија пораки до властите.
„Имавме политичари кои зборуваа едно, а потоа друго. Дали е оправдано да се сомневаме дека вакцината не е целосно сигурна? Некои од нас споменуваат несакани ефекти, дури и да се минимални, ние не зборуваме за нив. Не сум револуционер, само се плашам“, вели Рахид Оухем, медицинско-психолошки асистент во болницата „Плесир“.
„Ако инсистирате на оваа мерка, свесни сте дека креветите ќе станат недостапни, ќе ги намалите шансите за одреден број пациенти, и ова ќе биде на ваша одговорност“, вели Кристоф Прудом, доктор и член на синдикат.
Според најновите податоци на властите, нешто повеќе од 88 насто од здравствените работници во болниците и домовите за стари лица во Франција примиле барем една доза од вакцината против Ковид-19.
„Ме шокира тoa што овие пораки се споделуваат на интернет, твитер, за време на протести и слично, за да се наруши она што го велат научниците и да се натера популацијата да се колеба“, изјави Карин Лакомб, инфектолог во болницата „Сен Антоан“ во Париз.
„Не прекоруваат затоа што ја почитуваме науката, зборуваме за наука и ширење на овие идеи кај луѓето за да разберат зошто е потребно и мора да го почитуваат социјалното дистанцирање, носењето маска и да се вакцинираат“, вели Жаром Марти, општ лекар во Тулуз.
И Австрија ги заострува ковид мерките. Постојаниот растечки дневен број на нови пациенти иницираше регулативи со кои се враќа обврската за носење маски од повисоко ниво на заштита за невакцинираните граѓани. За разлика од нив, имунизираните ќе можат да се движат во затворени простори со обични маски.
Наспроти Австрија, Холандијa ги ублажува мерките, но воведува ковид- пропусница. Се укинува мерката за физичкото растојание, но влезот во рестораните, баровите и на фестивалите, за сите граѓани постари од 13 години ќе биде можен единствено со доказ за вакцинација, прележан ковид или негативен тест.
„Среќен сум што денес можеме да објавиме дека ја укинуваме социјалната дистанца. Останува разумно да си дадеме простор еден на друг, но тоа повеќе нема да биде задолжително. Ова сега, особено ги засега луѓето кои се чувствуваат ранливи поради нивното здравје, и затоа, носењето маска ќе продолжи да биде задолжително во воз, трамвај, автобус, метро и такси, но пвеќе не и на станиците и на платформите“, изјави Марк Руте, премиер на Холандија.
Во меѓувреме, Европската унија додели 200 милиони дополнителни дози на вакцина против коронавирус на африканските земји за да помогне во спречувањето на пандемијата на глобално ниво. Таму состојбата не ветува, вакцинирано е само 3,5 насто од населението. Од друга страна, повеќе од 70% од возрасната популација во Европа е целосно имунизирана.
Бојана Крстевски
