Се подобруваат условите за згрижување деца во градинките

27.03.2014 14:22

Изминатите 12 месеци отворени се вкупно 15 нови објекти за детски градинки...

Ќе се подобруваат и условите за згрижување на децата од предучилишна возраст. Приватни инвеститори градат градинки, а со реконструкција, се пренаменуваат и стари објекти. Градинките, во кои со години не се инвестираше, треба да понудат подобри услови за престој на децата.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на општина Ѓорче Петров Сокол Митровски денеска го посетија објектот наменет за нова детска градинка кој се наоѓа во рамки на ОУ „Димитар Поп Ѓеоргиев  Беровски“.

„Изминатите 12 месеци заедно со новата детска градинка во општина Росоман, отворивме вкупно 15 нови објекти за детски градинки. Со вакви интензивни активности кои се насочени кон зголемување на капацитетите на детските градинки и подобрување на условите, продолжуваме и во наредниот временски период“, истакна Спасов и додаде дека изминатите години значително е зголемен капацитетот за сместување на децата во градинките.

Во завршна фаза се детските градинки во општините  Дојран, Василево и во дебарско Могорче, а започната е изградба на градинките во Карбинци и Делчево. Спасов најави дека се планираат инвестиции во Ѓорче Петров, Кисела Вода, Кочани, Виница и голем број на други општини во Македонија.

Поради поволностите кои им се нудат на приватните инвеститори, нивната заинтересираноста е се поголема за отворање на нови детски градинки. Во моментов, во процедура се отворање на седум приватни детски градинки.