Македонија

Куманово: 76 ученици позитивни на Ковид-19 од почетокот на учебната година

21.09.2021 15:11

Еден вработен и 10 ученици од основни и средни училишта од Куманово, вчера биле пријавени како позитивни на Ковид- 19. Од почетокот на учебната година во оваа општина, се евидентирани дури 76 позитивни ученици. Куманово е меѓу градовите се најголем број заразени...

Расте бројот на позитивни ученици во Куманово. Во текот на вчерашниот ден во Секторот за образование при Општина Куманово, биле пријавени еден вработен и десет ученици како заразени од Ковид- 19. Инфицираните се од повеќе основни и средни училишта. Од почетокот на учебната година, која започна со физичка настава, во Куманово се евидентирани 76 позитивни ученици, како и 17 вработени.

Гимназијата „Сами Фрашери“ е едно од неколкуте училишта во кои засега не е евидентиран позитивен случај. Од ова училиште информираат дека над 90 процени од наставниот кадар е вакциран. На влезот задолжително се мери температура, и постојано се врши дезинфекција. Училиштето го посетуваат 752 ученици.

„Кај нас во училиштето се обидуваме максимално да ја контролираме физичката дистанца, растојание, се носат маски, се прави дезинфекција, и се што е препорачано и одобрено од Министерството за образование и наука. Имаме поставено редари на самиот влез иако функционираме само со еден влез и за наставниците и за учениците. Досега немаме инфицирано ученик во нашето училиште кај наставниот кадар имаше изолирани но пред учебната година. Засега немаме наставници кои се инфицирани или во изолација“, вели директорот на гимназијата „Сами Фрашери“, Африм Алити.

Во Куманово функционираат 21 училиште, од кои пет се средни и 16 основни.

Според податоците на Секторот за образование во Куманово во основните и средните училишта се образуваат 14.807 ученици и 1.720 вработени.

Бројот на позитивни во најголемата  општина во државата сѐ уште расте. Во модуларната болница и инфективниот оддел се хоспитализирани над 60 лица, а дневната болница секојдневно ја посетуваат околу 50 пациенти. Куманово е меѓу четирите градови со најголем број заболени.

 

Елена Георгиевска