ВМРО-ДПМНЕ бара да се формира анкетна комисија за пожарот во Тетово
ВМРО-ДПМНЕ до спикерот Џафери ќе достави предлог за формирање анкетна комисија за утврдување на фактите и за политичка одговорност. Според партијата, власта се труди да го забошоти случајот. Од СДСМ велат- да ги почекаме резултатите од истрагата, па ќе разговараме за фактите, опозицијата ја политизира трагедијата за дневно-политички поени...

Неотповиклива оставка и понесување на одговорност од етички и морални причини е доблесен чин на искрен, чесен и самосвесен човек. За жал, министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев докажаа дека не се такви личности. Очигледно, во нив нема ниту доблест, ниту грижа на совест, ниту искреност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив токму од тие причини, како што потенцираа во пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ до претседателот на Собранието на Република Македонија ќе поднесат Предлог одлука за формирање на Анкетна комисија која ќе има за цел утврдување на фактите и политичката одговорност на надлежните и одговорните лица и институции.
„Наместо одговорност и одговори, повеќе од 10тина дена гледаме како власта од петни жили, на секој можен начин се труди да го заташка целиот случај. Токму од тие причини, ние како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ денес до претседателот на Собранието на Република Македонија ќе поднесеме Предлог на одлука за формирање на Анкетна комисија која ќе има за цел утврдување на фактите и политичката одговорност на надлежните и одговорните лица и институции“, изјави Рашела Мизрахи, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
ВО СДСМ пак во реакција велат дека Собранието не е ниту истражен орган, ниту обинителство ниту суд.
„Анкетна комисија може да работи врз основа на аргументи. Да ги почекаме резултати од истрагата и тогаш ќе разговараме за фактите и аргументите. Морбиден е начинот на политизација на трагедијата во Тетово за ситни дневно политички поени“, велат од СДСМ.
Уверуваат дека од опозицијата не треба да го користи случајот во политички цели, треба да заврши истрагата , па да се утврди евентуална одговорност.
Министерот Филипче и заменик министер за здравство Илир Хасамни, два дена по трагедијата во модуларната болница во која загинаа 14 пациенти, понудија оставки до премнмиетот Заев. Премиерот во неколку наврати повтори дека ќе се изјасни за оставките откако истрагата ќе заврши и ќе се донесат објективни факти за евентуална одговорност на лицата кои се инволвирани во случајот.
Игор Панов
