Скопје

ВМРО-ДПМНЕ со нови докази, Весковски се закани со тужба

21.09.2021 16:26

ВМРО-ДПМНЕ презентира нови докази за кои тврди дека покажуваат дека тендерот за реконструкција на улицата Варшавска е наместен. Директорот на Водовод рече дека станува збор за лаги и невистини. „Единствен повод за грубите манипулации за моја лична дискредитација е убедливото водство и високиот рејтинг на сите анкети, вклучително и на оние на ВМРО-ДПМНЕ во трката за градоначалник на општина Карпош“, вели Душко Весковски...

ВМРО- ДПМНЕ до Jавното обвинителство ќе поднесе кривична пријава пропатена со документација, за како што велат, скандалот што го тресе Град Скопје и ЈП Водовод и канализација и нивните челници, Шилегов и Весковски. Во продолжение на претходно објавените документи, од опозициската партија  презентираа, како што велат, нови докази дека тендерот за реконструкција на водоводната мрежа на улица Варшавска е наместен и дека фирмата изведувач почнала со работа три месеци пред да биде склучен договорот вреден близу 300.000 евра.

Директорот на ЈП Водовод и канализација пак, Весковски се закани со тужба за лажно пријавување и клевета против ВМРО-ДПМНЕ. Вели, документите што опозициската партија ги објавува биле фабрикувани, нецелосни и непотпишани, а со цел негова лична дискредитација пред локалните избори во чии рамки тој е кандадат на СДСМ за градоначалник на Карпош. Тој истакна дека целата документација за оваа јавна набавка ќе ја стави на располагање на надлежните органи.

Според Весковски, ЈП Водовод и канализација е најтранспарентно јавно претпријатие во Македонија и немало да дозволи да биде злоупотребено во дневно политички цели.

 

Марија Котовска