Заев: Не смее да се обвинува цела нација за фашизмот
Државава нема да презема конкретни чекори, додека Бугарија не го тргне ветото за почеток на преговори со Европската унија, вели премиерот Заев. Според него, политичка е одлуката од учебниците и од спомениците да се избрише зборот бугарски пред фашистички окупатор. Тој смета дека не смее да се обвинува цела една нација за фашизмот...

Фашистичкиот окупатор нема национална боја и затоа не смееме да обвинуваме цели нации за фашизам, тоа не е во насока на добрососедството, вака премиерот Зоран Заев ја објасни одлуката, од спомениците и учебниците да се избрише зборот бугарски пред фашистички окупатор.
Прашан дали со ова се меша во одлуките на историската комисија, премиерот вели дека одлуката е политичка, но како што рече нема да се испорачаат никакви конкретни чекори додека не се добие поддршка од Бугарија за евроатланскиот процес на земјава.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ваквиот пристап е неодговорен, несовесен, ненаучен и игнорантски.
Ноншалантно се пристапува кон вака суштинско прашање, заборавајќи на конвенцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ, а изгласана од сите, вклучително и партијата на Заев во парламентот. Се сомневаме дека овие потези на Заев се за да ја наметне темата со Бугарија во кампањата за да им каже на странците кои веќе кренале раце од него, еве јас се ќе прифатам спасувајте ме на избори, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
И додека нашата страна смета дека португалскиот предлог е можност за надминување на блокадата на нашиот евроинтегративен пат, Бугарија останува на цвстите позиции. Неделава, по средбите со комесарот за проширување Вархеји, Софија порача дека очекува реални и конкретни чекори и резултати од нашата страна, бидејќи повеќе не верува на празни ветувања.
Според Заев, она што е бара Радев е патокозот, појаснување за краткото и долгото име, немешање во внатрешните работи и преговарачката рамка.
Викторија Милевска
