Германија

Шолц: Коалиција со Зелените или ФДП

27.09.2021 13:33

Германските Социјалдемократи извојуваа тесна победа на парламентарните избори, освојувајќи мандат да ја водат владата прв пат од 2005-та година. Со ова официјално ќе заврши 16-годишното владеење на конзервативците на канцеларката Ангела Меркел. Новиот Бундестаг ќе има рекорден број пратеници. Наместо досегашните 709, германскиот парламент во иднина ќе има 735 пратеници...

Кандидатот за канцелар на Социјалдемократите, Олаф Шолц, кој доби мандат за новата влада на Германија, најави дека ќе инсистира на коалиција со Зелените и Партијата на либералните демократи. Според него, победата на парламентарните избори ги зајакнала позициите на овие три партии. Со освоени 26% од гласовите, Социјалдемократите ги поразија конзервативците од ЦДУ/ЦСУ.

„Сигурно многу граѓани гласаа за СПД, бидејќи сакаат промена на владата и сакаат името на идниот канцелар да биде Олаф Шолц“, нагласи Шолц.

Демохристијаните во молк и неверување поради објавените резултати кои се сметаат за историско фијаско во партијата на Меркел. Ден по поразот, нивниот кандидат Армин Лашет кој не ја признаваше победата на противникот и најавуваше дека ЦДУ ќе мора да формира коалиција, почна да го смирува тонот.

„Коалицијата мора да ја држи земјата сплотена. Канцеларот мора да умее да ги комбинира спротивностите и да развие добра програма за наредните четири години“, рече Армин Лашет, Кандидат за канцелар на ЦДУ.

Новиот Бундестаг ќе има рекорден број пратеници. Наместо досегашните 709, германскиот парламент во иднина ќе има 735 пратеници.

 

Маја С. Филдишев