Британската војска доставува горива, владата нуди визи за странски работници
Британската војска доставува горива на бензинските станици. Во источен Лондон, протест поради кризата со нафтата. Домашните компании се соочуваат со големи финансиски загуби. Владата нуди визи за странски работници...

Протест и блокада на влезот на тунелот Блеквол, источен Лондон поради кризата со нафтата во Британија. Владата веќе ангажираше околу 200 припадници на војската за достава на горива во рамките на т.н. „Операција Ескалин“. Недостигот од возачи на камиони предизвика застој и на пратките до маркетите. Премиерот Борис Џонсон предупреди дека проблемот веројатно ќе трае до Божиќ.
„Оваа земја е лидер во светот, и во логистика и во достава. Имаме многу добри синџири на достава. Каде што постојат проблеми за кои можеме да помогнеме, ќе помогнеме“, изајви Борис Џонсон, премиер на Обединетото Кралство.
Актуелниот кабинет предводен од поддржувачите на Брегзит се обидува да ги негира шпекулациите дека проблемот е резултат од разделбата со Европската унија и напуштањето на нејзината економска орбита. На странските државјани им нуди визи за привремена работа.
„За жал, овие камиони се паркирани зашто не можеме да најдеме возачи. Зошто некој странец би дошол да работи во Обединетото Кралство до Божиќ кога може да се врати дома и да најде друга работа?“, изјави Дејвид Закеа, вработен во компанија за транспорт.
Дополнително влошување на ситуацијата е пандемијата со Ковид-19 поради која илјадници возачи мораа да се вратат во татковината.
Маја С. Филдишев
