Модернизација на наставната програма по педијатрија
29.03.2014 15:07
Акцент ќе се стави на развојната педијатрија, следењето на сеопфатниот развој на децата, како и раната детекција на попреченост во развојот...

На Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска се одржа работилница за модернизацијата на додипломската настава по предметот педијатрија.
Работилницата е резултат на соработката на Универзитетската клиника за детски болести со Империјал Колеџ од Лондон, кој е четврти на листата на 100 најдобри медицински универзитети во светот. Целта на проектот е да се усогласи практичната и теоретска настава на Медицинскиот факултет со најдобрите стандарди и практики во високото образование од земјите во ЕУ.
„Целта е да се подигне нивото на здравствена заштита од што корист ќе имаат пациенетите. Катедрата ќе едуцира квалификувани кадри кои ќе бидат конкурентни со нивните колеги во Европа. Во иднина планираме и проширување на програмата и се надеваме дека нашите искуства ќе бидат прифатени и од останатите катедри на Медицинскиот факултет, се со цел модернизрање на наставната програма“, изјави проф. Кате Мартинова, шеф на катедрата по педијатрија.
Со програмата акцент ќе се стави на развојната педијатрија, следењето на сеопфатниот развој на децата, како и раната детекција на попреченост во развојот. Фокусот на наставата ќе биде на превентивната здравствена заштита на децата, при што дел од практичната настава ќе се одвива во примарното здравство и здравствените домови. Исто така, ќе се олесни пристапот на студентите кон материјали и нагледни средства за едукација, преку воспоставување платформа за електронско учење и центар за обука со симулатори.
