Ковид-19

Скринингот на учениците се спроведува без проблеми

20.10.2021 12:36

Почна скринингот во училиштата. Мобилни екипи на Центарот за јавно здравје тестираа дел од средношколците од медицинското училиште и од гимназијата „Зеф Љуш Марку“. Процесот ќе се спроведува и во основните училишта. По случаен избор се одбираат ученици, па се бара согласност за земање брис од родителите. Целта е утврдување на епидемиолошката состојба и трансмисијата на вирусот...

Мобилни екипи на Центарот за јавно здравје во посебна просторија во училштата го спроведуваат скринингот. Се прават брзи тестови на дел од средношколците. Во медицинското средно училиште и во „Зеф Љуш Марку“ велат тестирањето со земање брис се спроведува без проблеми.

Учениците се бираат по случаен избор преку електронскиот дневник, по што се бара согласност од нивните родители. Во медицинското училиште „Панче Караѓозов“ се тестираа 95 ученици. За сите е обезбедена согласност од родителите, вели директорката.

Надлежните велат, целта на скринингот е рано детектирање и евентуално пронаоѓање на асимптоматски носители на вирусот Ковид-19 помеѓу учениците. Со релевантните податоци ќе се добие целосна слика на трансмисија на вирусот во училиштата.

Со скринингот треба да бидат опфатени 8.178 ученици од средните и од основните училишта во земјава. Утрово биле тестирани околу 200 ученици.

Ана Јосифоска- Тодоровска