ДЛУМ ја отвора изложбата „Нови енергии“
Денеска во Уметничкиот центар АРТ ХАБ, Друштвото на ликовните уметници ќе ја отвори изложбата „Нови енергии“...

Од оваа година Друштвото на ликовни уметници на Македонија својата програма ја збогатува со ново насловена изложба „Нови енергии“ која е посветена на младата генерација членови на друштвото. Во последните три години, во ДЛУМ членство добиле повеќе уметници штотуку дипломирани на Факултетот за ликовна уметност, но и дипломирани од други уметнички факултети, па со оваа изложба им се дава шанса сцената на изложбените активности ја прошират со свој иновативен пристап.
Пропозициите на оваа изложба го негуваат истражувачкиот потенцијал на новата генерација уметници и примената на мултидисциплинарност и интермедијалност. Во современите текови на аналитичката уметност младите имаат идеи и теми за кои треба да добијат шанса за презентација и изложување. Така со оваа изложба се помага можноста за откривање на нови уметнички таленти и на сериозно посветени млади уметници, а изложбата е и нивна отскочна даска за остварување на слободата на изразот.
На изложбата ќе биде доделена наградата „Нови енергии“ на Ана Трајковска за делото со наслов „Vicarious“.
