Со „Мрачна комедија“ штипскиот Народен театар го одбележа Светскиот ден на театарот

01.04.2014 10:12

Со премиерата на претставата „Мрачна комедија“ од Питер Шефер, штипскиот Народен театар го одбележа Светскиот ден на театарот. Во претставата се препознаваат повеќе жанрови, следејќи ја приказната за сиромашниот скулптор и неговото прво продадено дело...

„Во мракот најмногу се гледа. Со шепотот најгласно се кажува“. Вака драматургот Трајче Кацаров ја воведува публиката во текстот на Питер Шефер, кого го нарекува „мајстор на зборовните комбинаторики“.  Најавувана како комедија – мјузикл, претставата „Мрачна комедија“  не може да го избегне актуелното политичко милје. Режисерот Спасоје Миловановиќ, за ова ја користи приказната за сиромашниот скулптор, кој се надева на првата продадена скулптура, во општество каде неговото дело го цени електричар.

„Тоа се’ се наоѓа во текстот, не е наша измислица. Театарската судбина предодреди  да манипулираме со скулптури, со избори“, вели режисерот Спасоје Ж.  Миловановиќ.  

Претставата „Мрачна комедија“, се работеше интензивно еден месец,  со по две проби на ден. Актерите на сцена излегоа со глума, кореографија, но и сонгови, чии текстови сами ги пишуваа. 

„Самата претстава има повеќе жанрови, т.е. од еден жанр се преминува во друг, па повторно се враќаме во истиот, се игра, се пее“, изјави по премиерата актерот Пеце Ристевски.

Најновата премиера на штипскиот театар е финансирана од Министерството за култура, и е кандидат за влез во програмата на фестивалот „Војдан Чернодрински“. Се договараат и гостувања во Србија,  во Народниот театар од Белград, каде режисерот е актуелен директор.    

 

Весна Коловска