Бугарија: Коалициски договор за идната политичка влада
Лидерите на четирите партии: Кирил Петков, Асен Василев, Корнелија Нинова, Слави Трифонов, Христо Иванов и Атанас Атанасов ќе го потпишат заедничкиот коалициски договор за новата бугарска влада...

Бугарија добива нова политичка влада. Коалицискиот договор меѓу „Промените продолжуваат“, Социјалистите, „Има таков народ“ и Демократите е скроен. Ќе биде најкомплексната коалиција што ќе ја има Бугарија – четирипартиска, што се случува за првпат во последните 32 години од воведувањето на повеќепартискиот систем, по падот на комунистичкиот диктатор Тодор Живков.
Лидерите на четирите партии: Кирил Петков, Асен Василев, Корнелија Нинова, Слави Трифонов, Христо Иванов и Атанас Атанасов ќе го потпишат заедничкиот коалициски договор за новата бугарска влада.
„Финалните текстови се готови. До крајот на денот ќе имаме целосно овластен коалициски договор“, рече Асен Василев, коалиција „Промената продолжува“.
„Одиме кон понуда за стабилна влада. Разговорот потврди дека тоа наскоро ќе биде факт“, вели Кирил Петков, коалиција „Промената продолжува“.
Според досегашната верзија на договорот, идната влада ќе има четворица вицепремиери, а партијата на Слави Трифонов „има таков народ“ ќе биде без вицепремиер, но ќе има четири министерства.
Премиерот на Бугарија ќе биде од партијата победник на предвремените парламентарни избори на 14-ти ноември „Промените продолжуваат“. Партијата ќе има и двајца вицепремиери кои ќе бидат нејзини министри за финансии и ефикасно владеење. „Промените продолжуваат“ ќе имаат и министри за образование, здравство, внатрешни работи, одбрана, транспорт, како и министер за раст и иновации и култура.
БСП ќе има министер за социјала, вицепремиер и министер за економија и индустрија, како и министер за земјоделство и министер за туризам.
Партијата „Има таков народ“ ќе има министри за енергетика, за надворешни работи, за регионален развој и за спорт.
„Демократска Бугарија“ ќе раководат со министерствата за правда како и за е-влада и ќе имаат вицепремиер, кој ќе биде и министер за животна средина и води.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев идната недела ќе им го врачи мандатот за формирање на новата влада на копретседателите на „Промените продолжуваат“ Кирил Петков и Асен Василев.
Тие имаат рок од една недела да го достават списокот со номинираните кандидати за идни министри. Петков најавува пофлексибилен однос кон Македонија, формирање работни групи, бидејќи само историјата не треба да биде во фокусот. Но, се поизвесно е дека ветото останува.
Дека на 14-ти декември нема виза за старт на преговорите најавија техничкиот премиер Јанев и претседателот Радев.
Марина Ристова
