Омикрон ја затвора Европа пред празниците, Австралија ги ублажува мерките
Поради брзото ширење на Омикрон, дел од европските земји веќе воведоа карантин. Велика Британија на листата на високоризични држави. Американскиот инфектолог и советник за пандемија во белата куќа, Ентони Фаучи, вели дека вакцинираните и оние кои примиле засилена доза, не треба да се грижат, доколку ги следат мерките и носат маски на преполни места...

Омикрон ја затвора Европа пред новогодишните празници. Холандија оди во едномесечен карантин, Лондон по втор пат годинава прогласи вонредна состојба. За влез во Италија и Грција покрај потврда, потребен е и негативен тест. Во Германија скандал со вакцини. Неколку деца случајно примиле доза од „Модерна“ - вакцина што не е одобрена за употреба за нивната возрасна група. Во Белгија продолжуваат протести против рестрикциите.
„Нашите предци живееја во војна, страдаа и умираа за нашата слобода, а сега нам ни е редот. Се борам за слободата на идната генерација, подготвени сме да излеземе на улица и да загубиме се за да им ја дадеме ним слободата, основното човеково право.“
Во Виена мирен марш за оддавање почит на жртвите во пандемијата.
„Изразувам солидарност со медицинскиот персонал и сочувство за над 13 илјади починати. Сега е време да им покажеме и на скептиците дека улицата не им припаѓа само ним. И ние имаме глас.“
За разлика од Европа, Австралија овој пат со порелаксиран пристап. Мерките продолжуваат да се намалуваат пред Божиќ, животот постепено се враќа во нормала. Вакцинацијата проритет во битката со пандемијата.
„Секогаш ќе постојат нови варијанти. Пандемијата нема да исчезне и ние мора да се научиме да живееме со неа. Мора да се одвикнеме од стравот, да се пренасочиме кон надежта и вербата“, изјави Доминик Перотет, премиер на Нов Јужен Велс.
Новиот вид на коронавирус, присутен во речиси 90 земји, е со брза трансмисија и во региони со висока стапка на имунизација. Според една британска студија, омикрон послабо ги напаѓа белите дробови и има помала способност да се реплицира. Меѓутоа, здравствените власти и натаму препорачуваат дисциплинирано да се следат и спроведуваат сите рестриктивни мерки и протоколи.
„Мислам дека ова ќе трае долго, омикрон нема да е последната варијанта.“
„Живееме од ден за ден, од недела за недела, и гледаме какви пациенти се хоспитализираат. Сите што доаѓаат ги третираме најдобро што можеме.“
Во светот досега од Ковид-19 починале над 5, 35 милиони лица.
Маја С. Филдишев
