Путин: Бараме гаранции од НАТО
Ние сме измамени, бараме гаранции од НАТО, повика шефот на руската држава Путин на годишната средба со новинарите во Кремљ...

Десетина западни држави ја предупредија Русија за можен напад врз Украина. „Евентуалната руска интервенција против Украина би имала огромни последици и би предизвикала сериозен одговор“, се вели во заедничкото соопштение на САД, Канада, Британија, Германија, Франција, Полска, Украина и неколку други европски држави.
Русија објави список барања за безбедносни гаранции до САД и НАТО, вклучувајќи и еднострана обврска, Украина и другите поранешни советски републики да не се придружат на Алијансата.
„Нашите постапки нема да зависат од текот на преговорите, туку од безусловното обезбедување на безбедноста на Русија. Бевме измамени! Пет бранови на проширување на НАТО! Не се закануваме некому! Дали ние дојдовме до границите на САД? Тие дојдоа кај нас. А сега велат и дека Украина може да влезе во НАТО. Мора вие да ни дадете гаранции! И тоа веднаш. Сега!“- рече рускиот претседател, Владимир Путин.
Путин оцени дека до нова воена интервенција во Украина ќе дојде само ако Москва не е задоволна од безбедносните гаранции од западот за кои ќе се разговара во Женева во почетокот на идната година.
Во меѓувреме, по неодамнешната конференција со генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, премиерот Петков изјави дека нема потреба од распоредување на нови НАТО сили во Бугарија.
Ирина Гелевска
