НАТО Алијансата подготвена за дијалог со Русија
Генералниот секретар Столтенберг со став, нема да има компромиси за основните принципи. Белата куќа се согласува дека дипломатските разговори се вистинскиот пат за мир со Москва. За шефот на руската дипломатија, изјавите на Столтенберг и Вашингтон за безбедносните гаранции и агресивната реторика на Москва, несоодветни...

Подготвени сме да седнеме и да разговараме со Русија, но за основните принципи нема компромиси. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во интервју за агенцијата ДПА порачува дека нема отстапување од правото на Алијансата да ги брани нејзините сојузници. Тој вели дека будно го следат трупањето војска на границата со Украина и агресивната реторика на Москва, но во моментов, не гледаат директна закана кон некоја НАТО- членка.
И Белата куќа се согласува дека дипломатските разговори се вистинскиот пат за напредот во односите со Москва. САД ги отфрлија критиките дека тие се агресорите во ескалацијата на руско-украинската граница.
„Фактите јасно покажуваат дека единствената агресија што ја гледаме на границата на Русија и Украина е военото засилување од страна на Русите и воинствената реторика од лидерот на Русија. Претседателот Путин рече дека е охрабрен од- парафразирам- фактот дека ќе има дипломатски разговори, планови за разговори во јануари. Веруваме дека тоа е најдобриот и вистинскиот пат напред. НАТО е одбранбен, а не агресивен сојуз. Нема докази за спротивното, и се разбира, нашите напори се да работиме и да ги браниме нашите партнери во НАТО“, изјави портпаролот на Белата куќа, Џен Псаки.
За шефот на руската дипломатија изјавите на Столтенберг и Вашингтон во врска со предлозите за гаранција за безбедноста на Русија се несоодвени.
„Господинот Столтенберг продолжува да дава многу несоодветни изјави. Гласно и прилично арогантно вели дека никој не е во позиција да го прекрши принципот на договорот од Вашингтон, кој ја држи отворена вратата за секој потенцијален аспирант кој сака да му се придружи на северот атлантскиот договор. Тензиите постојано се разгоруваат околу нас во последните неколку децении, а нато се доближува до нашите граници, да не зборуваме за фактот дека редовно сме измамени - од вербални ветувања до политички обврски кои беа запишани. Овојпат, како што рече претседателот Путин, инсистираме на единствено правно обврзувачки гаранции“, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.
Претходно, Столтенберг го потврди приемот на руските предлози за безбедносни гаранции во Европа, додавајќи дека алијансата ќе ги проучува. Руското министерство за надворешни работи на 17 декември ги објави своите нацрт-договори со Соединетите држави за безбедносни гаранции и договор за мерки за обезбедување на безбедноста на Русија и земјите-членки на НАТО.
Бојана Крстевски
