„Животот е…“- ново кабаре на режисерката Наташа Поплавска
По успешните мјузикли „Чикаго“, „Мама миа“ и „Боливуд“, а по две години пауза, режисерката Наташа Поплавска повторно за македонската публика подготви музичко-сценска претстава. Во Националната опера и балет в четврток од 20 часот премиерно ќе биде изведено нејзиното ново кабаре „Животот е…“. Поплавска ја поставува претставата заедно со кореографката Олга Панго, а новата приказна е напишана во соработка со Ристо Вртев...

Низ животната приказна на кабаретската ѕвезда Сали Боулс преку случките од некогашниот берлински кабаре клуб „Кит Кет“ ја следиме трансформацијата на животот во денешната корпоративна и виртуелна стварност. Џез звуците на познатите Нет Кинг Кол и Џон Кандер преминуваат во електронските поп звуци на пионерите на електронската музика „Крафтверк“, вели режисерката Наташа Поплавска за нејзиниот нов мјузикл „Животот е...“.
Живееме во несигурно време во кое не може ништо да планираме, од денес за утре... Животот е стопиран и комплициран... Ограничувачки, сѐ уште не е можно во полн сјај на сцената да блеснат сто уметници како што му доликува на еден мјузикл, сепак ќе се потрудиме да го следиме жанрот, вели режисерката Наташа Поплавска. За сцената се потребни актери кои се во постојана физичка, пејачка и актерска форма... Не е доволен само талент за пеење и играње туку и сериозна работа врз нивниот глас и тело.
Млади уметници ќе ја збогатат изведбата на мјузиклот „Животот е...“ со својата вокална изведба. Премиерата е закажана за 30-ти декември. Традиционално моите премиери, особено на мјузиклите, вели Поплавска, се пред Нова година, бидејќи тоа е време кога луѓето сакаат да заборават на проблемите, а оваа претстава тоа го овозможува.
Александра Спировска
