Повеќе пари за компаниите, се проверуваат случувањата на пазарот со струја
Државата проверува по кој основ снабдувачите на струја им ги откажувале договорите на компаниите. Вицепремиерот Битиќи вели – не можеме да се мешаме во нивните меѓусебни односи, но под лупа е дали се почитуваат законите. Годинава се исплатени речиси 50 милиони евра државна поддршка за компаниите.

Државата не може да се меша во односите меѓу компаниите и нивните снабдувачи со струја коишто поради случувањата на енергетскиот пазар почнале да им ги откажуват договорите и им барале авансно да платат и по 500 евра за мегават час. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи вели дека успеале да ги заштитат малите потрошувачи, но ќе проверат дали на либерализираниот пазар се почитуваат законите.
„Околу раскинувањето на договорите, државата не може да се меша, затоа што договорите се направени на либерализираниот пазар на енергетика, на којшто секој влегува во меѓусебни облигациони обврски. Ние не можеме да влеземе, но секако, веќе со РКЕ дискутираме дали основот за раскинување е соодветен според Законот за облигациони обврски и Законот за енергетика. Ако видиме дека има прекршување на тие одредби, секако дека Владата ќе интервенира“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Битиќи на крајот на декември го направи пресекот - компаниите годинава добиле 48,5 милиони евра преку Законот за контрола на државната помош, Законот за финансиска поддршка на инвестиции и преку Фондот за иновации. Договори за поддршка на инвестиции досега се склучени со 353 компании. 225 од нив годинава побарале пари зашто лани направиле инвестиции од над 70 милиони евра.
„Ги избришавме разликите меѓу домашните и странските компании. Денес, сите компаниите коишто работат во нашата земја се наши, домашни компании со исти услови и можности да добијат поддршка од државата.За добивање државна помош повеќе не се преговара во четири очи, целиот процес е отворен и транспарентен“, вели Битиќи.
Следната година преку Планот за економски раст се предвидени 60-ина милиони евра за компаниите, но сумата е поголема ако се вкалкулираат средствата од другите редовни програми за поддршка на стопанството, со што се доаѓа до кредитирање од 150-ина милиони евра, за 30% повеќе од годинава.
Мартин Пушевски
