Лансирање нова ракета одговор на критиките на САД
Началниците на генералштабот на Јужна Кореја соопштија дека Северна Кореја лансирала две неидентификувани ракети со краток дострел, истрелени источно од провинцијата Пјонгјанг, во близина на границата со Кина.

На американското предупредување за притисок за нови санкции поради неодамнешните ракетни тестови, Северна Кореја одговори со нов ракетен тест. Началниците на генералштабот на Јужна Кореја соопштија дека Северна Кореја лансирала две неидентификувани ракети со краток дострел, истрелени источно од провинцијата Пјонгјанг, во близина на границата со Кина. Проектилите најверојатно паднале во морето кај јапонската ексклузвна економска зона. Во Сеул беше одржана итна седница на Советот за национална безбедност. Ова е трето лансирање балистички проектил спроведено од Пјонгјанг од нова година.
Јапонската крајбрежна стража соопшти дека Северна Кореја истрелала нешто што можело да биде балистичка ракета.
„Тековните воени активности на Северна Кореја, вклучително и нејзините повторени лансирања на балистички ракети, се закана за мирот и безбедноста на Јапонија и регионот и претставуваат сериозна грижа за целото меѓународно општество“, изјави Хироказу Мацуно, главен секретар на кабинетот на Јапонија.
Северна Кореја ги брани своите експерименти со проектили како легитимно права на самоодбрана и тврди дека САД намерно предизвикува ескалација на состојбата преку наметнување санкции, објавија државните медиуми денеска, цитирајќи го тамошното министерство за надворешни работи.
Неодамнешниот развој на „нов тип на оружје“ од страна на Северна Кореја, претставува дел од напорите да ги модернизира своите одбранбени можности и не се однесува на ниту која било земја, ниту на нарушување на безбедноста на соседните земји, соопшти севернокорејското министерство за надворешни работи.
Марина Ристова
