Трета доза за валиден ковид- сертификат
Над 5,5 милиони починати од Ковид-19 во светот. Европа се бори со новата варијанта Омикрон. Во некои земји, дополнителните дози од вакцината стануваат предуслов за валиден сертификат. Во општествата и натаму силна поларизација во контекст на рестрикциите.

Од викендов, третата доза од ковид-вакцината е предуслов за валиден ковид-сертификат во Франција. Брзото ширење на новата варијанта на Сарс-Ков-2 позната како „омикрон“ е тест за издржливоста на здравството. Стапката на хоспитализација е иста како во пролетниот период лани кога беа активирани строги рестрикции. За разлика од тогаш, сега нема такви мерки.
„Имаме оддел кој е речиси целосно пополнет со невакцинирани пациенти кои повремено дури и се сомневаат во нивната дијагноза. Тешко е да им се каже дека се заразени, не сакаат да ни веруваат. Ни нивните семејства не ни веруваат. Ова се пациенти кои одбиваат нега, третман или кои бараат лекови кои немаат ефект. Жртви во оваа ситуација се пациентите кои имаат потреба од лекување од други болести“, изјави доктор Жули Хелмс, Стразбур.
Во Шпанија веќе се нуди и четврта доза. Ќе се дава пет месеци по третата, којшто отсега ќе биде достапна за сите полнолетни лица. Рестрикциите повторно причина за протести. Со транспаренти „Тирани“, „Болници на смртта“ и „Злосторства против човештвото“, демонстрантите во Мадрид го изразија револтот кон вакцинацијата и задолжително носење маски на отворено.
„Најзагрижен сум за имунизацијата на децата. Веднаш мора да ја запреме, да ја парализираме, бидејќи остава сериозни последици кај нив, како што е миокардитот. Не постои причина да ги вакцинираме нив, ова е експериментална вакцина со долготрајни последици кои не се добро проучени“, изјави Хесус Диаз, физиотерапевт, Шпанија.
„Воведуваат зелен пасош, дискриминираат луѓе во ресторан, на патување низ Шпанија. Имаме престроги закони наменети за места каде што не треба да даваме информации за нашето медицинско досие“, додава Хавиер Армада, наставник, Шпанија.
И оваа сабота беа одржани протести во Виена против задолжителната вакцинација.
„Од уставен аспект, законот е само силување на основните права и слободи кој ни се наметнува на сите нас. Укинете ја задолжителната вакцинација, доста е. Укинете го карантинот за невакцинираните, како затвор е“, нагласи Херберт Кикл, лидер на ФПО.
Креативноста останува едно од главните оружја на уметниците за справување со голготата од пандемијата. Во Сао Паоло, Бразил, 74-годишниот уметник Сирон Франко обеси 365 кукли во најразлични големини на челични кабли коишто ги симболизираат жртвите на вирусот. Бразил е меѓу најпогодените земји во светот. Изложбата во Сао Паоло е наречена „Преродба“.
„Потребна ни е преродба, нели? Светот страда, и сиромашните и богатите земји. Ова е време за размислување, преродба, обнова, интеракција, соработка“, смета Сирон Франко, уметник.
„Влеговме во третиот бран. Во земјава постои сериозно негирање, неприфаќање на реалноста. Мене ме трогнаа овие кукли и помислата на тоа колку животи згаснаа.“
Во светот од Ковид-19 досега починале над 5,5 милиони луѓе.
Маја С. Филдишев
