САД: Вежбите на Русија и Белорусија се изговор за напад врз Украина
САД тврдат- вежбите на Русија и Белорусија се изговор за напад врз Украина. Минск и Москва децидни - маневрите ќе ја засилат одбрана во случај на напад однадвор. По средбата во Киев и Берлин, американскиот државен секретар Ентони Блинкен в петок на средба со рускиот колега Лавров во Женева...

САД сметаат дека претстојните заеднички вежби на Русија и Белорусија ќе бидат изговор за напад врз Украина од север. Според Стејт департментот, она што се најавува како редовни заеднички маневри би можело да се искористи од страна на Москва како можност за стационирање на своите трупи во Белорусија. Вашингтон потсети дека со предложените измени на Уставот на оваа земја се отвора можност и за поставување на нуклеарно оружје. Вежбата ќе трае до 20-ти февруари. На границата меѓу Русија и Украина се распоредени 100 илјади војници.
„Потребно е да изведеме солидни вежби во западните и јужните региони, во т.н.„Белоруски балкон“. Во нив не треба да учествуваат само Белоруси. Ова се редовни маневри за конкретен план за одбрана од силите од запад, од балитчките земји и Полска, и од југ – на силите од Украина“, изјави Александар Лукашенко, претседател на Белорусија.
„За време на проверката на силите за одговор, планираме да ги подготвиме да дејствуваат не само во својот домен на одговорности, туку и да решаваат брзи задачи за спречување на кризни ситуациии во секоја сфера каде што ќе се појави закана“, изјави Александер Фомин, заменик - министер за одбрана на Русија.
Покрај воените подготовки, продолжуваат и дипломатските напори. По средбата со украинските лидери во Киев и со европските претставници во Берлин, американскиот државен секретар Ентони Блинкен в петок на состанок и со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Женева. Санкциите за Москва од САД остануваат во игра, а Германија се заканува и со блокада на гасоводот „Северен тек 2“.
„Германската мрежа го запре процесот за лиценирање на Северен тек 2. Сметаме дека прекинот на гасоводот е важен, валиден потег со кој ја држиме Русија во моментов, особено бидејќи сега не функционира“, рече Џен Саки, портпарол на Белата куќа.
Во меѓувреме, руското МНР потврди дека амбасадата во Киев работи нормално откако американскиот весник „Њујорк Тајмс“ објави дека Москва почнала да го евакуира дипломатскиот персонал и нивните семејства од Украина.
Маја С. Филдишев
