Блинкен во посета на Берлин
В петок во Женева е планирана средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Москва распореди околу 100 илјади војници на границата со Украина. Западните земји сметаат дека Русија подготвува инвазија кај својот западен сосед.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен замина од Украина каде што се сретна со претседателот Володимир Зеленски во Киев. Негова наредна дестинација е Берлин каде што се закажани состаноци со европските сојузници. В петок во Женева е планирана средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Москва распореди околу 100 илјади војници на границата со Украина. Западните земји сметаат дека Русија подготвува инвазија кај својот западен сосед.
„Мислам дека Путин не сака вистинска војна. Тоа е под број еден. Број два, дали мислам дека ќе ги тестира Западот? Дека ќе ги тестира Соединетите држави и НАТО колку што може? Да, мислам дека ќе го стори тоа. А мислам и дека ќе плати сериозно висока цена за тоа. Тоа што тој сега не размслува ќе го чини подоцна. И ќе зажали“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
Во меѓувреме, руските парламентарци побараа претседателот Владимир Путин да ги признае проруските сепаратистички области во источна Украина како независни држави. Дума и Кремљ засега без коментар.
Русија им дозволува на жителите на овие подрачја да аплицираат за руско државјанство по брза постапка. На територијата под контрола на проруските бунтовници службена валута е рубљата, а во училиштата се учи според руската наставна програма.
Путин лани нареди на владата да ги укине ограничувањата за извоз и увоз на производи меѓу Русија и делови од републиките Доњецк и Луганск. Москва тврди дека оваа мерка е со цел да се надоместат загубите од економската блокада меѓу областите на сепаратистите и останатиот дел од Украина.
