свет

Данска ги укинува речиси сите ковид- рестрикции

01.02.2022 15:36

Оваа скандинавска земја веќе не го смета ковид-19 за критична болест.

Данска ги укинува повеќето рестриктивни мерки. Оваа скандинавска земја веќе не го смета ковид-19 за критична болест. Единственото правило што остана на сила е патниците да мора да покажат доказ за вакцинација при влез во државата. Властите тврдат дека иако Омикрон е во подем, пандемијата не го оптоварува здравствениот систем и земјата има висока стапка на вакцинација.

Од денеска и нови правила за патување во ЕУ. Дигиталните потврди за имунизација ќе бидат валидни во рок од 270 дена по завршувањето на примарната вакцинација.

Покрај здравствената и економската, пандемијата почна да предизвикува и еколошка криза. СЗО предупреди дека од користените комплети за тестирање и вакцинирање се создале десетици илјади тони медицински отпад кој е закана за здравјето и животната средина.

Веќе не смееме да го игнорираме овој проблем. Добрата вест е дека можеме да се заштитиме себеси и животната средина. Да ја намалиме употребата на опрема за лична заштита која не е неопходна, да користиме повеќекратно производи како што се маските. И на крај, да инвестираме повеќе во системот за отпад и персоналот за да добиеме одржливо и сигурно решение, вели Д-р Монтгомери од СЗО

Во светот од ковид-19 починале 5,67 милиони лица.

Маја С. Филдишев