Битиќи: Вчера сите постигнавме голем успех, најважно е што обезбедивме системско решение за достоинствена минимална плата, која нема да биде под 57% од просечната
Дефиниравме методологија за усогласување на минимална плата којашто ќе гарантира дека минималната плата секоја година ќе се усогласува со 2 критериуми, а тоа е порастот на животниот стандард или инфлацијата.

„Мислам дека вчерашниот да кажам успех на сите социјални партнери е за поздравување. Се случува прв пат, мислам во поновата историја на нашата држава, во којашто сите социјални партнери седнуваат, разговараат со аргументи, можеби малку личеше дека имаме целосно спротивставени ставови и на синдикатите и на работодавачите, но не беше така. Имаше еден став дека минималната плата треба да се зголеми, но треба да дојдеме до заедничко прифатливо решение. Се знае, јас на неколку пати кажав дека единствениот начин за успех е дијалогот, дека мора да се разговара, за да се стигне на одржливо решение. Вчера, постигнавме не само еден успех, туку неколку.
Мислам дека да стигнавме до еден износ на минимална плата од 18.000 денари на којашто сите гледаат различно, но сметам дека тоа што вчера беше договорено е уште побитно од само 18.000 денари. Вчера дефиниравме методологија за усогласување на минимална плата којашто ќе гарантира дека минималната плата секоја година ќе се усогласува со 2 критериуми, а тоа е порастот на животниот стандард или инфлацијата, народски кажано неекономски и второ порастот на просечната плата, се земаат уделите на двата по 50% и се создава коефициент со кој се усогласува минималната плата и второ е дека минималната плата никогаш нема да биде помала од 57% од просечната плата. Сметам дека ова е навистина тоа што треба да го поздравиме, креиравме механизам којшто еднаш засекогаш минималната плата полека ќе ја става ад акта“, нагласи заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи за време на гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“, која се емитува на електронскиот медиум „Слободна ТВ“.
„Тоа што ние нема да го дозволиме е да се вратиме на она претходно ниво. Само да се потсетиме дека во 2016-та година минималната плата беше на удел од 38% од просечната плата, со поставување на прагот од 57%, ние сме далеку над можеби сите земји од Западен Балкан. Тоа гарантира на секој еден работник што и да се случува понатаму дека никогаш минималната плата нема да падне под прагот од 57% од просечната плата. Тоа е успехот од дијалогот со социјалните партнери, успехот е заедничко решение и мислам дека тоа е најголемиот успех којшто вчера го постигнавме“, додаде вицепремиерот Битиќи.
