Украинска криза

Нема договор по разговорите во Берлин

11.02.2022 13:54

Според заменик-началникот на кабинетот на рускиот претседател, Дмитриј Козак, Украина цврсто одбила да се заложи за дијалог со бунтовниците за политичко решение, блокирајќи го секој натамошен чекор.

По 9-часовните преговори во Берлин, советниците за надворешна политика од Германија, Франција, Русија и Украина не успеаја да го оживеат закочениот процес. Според заменик-началникот на кабинетот на рускиот претседател, Дмитриј Козак, Украина цврсто одбила да се заложи за дијалог со бунтовниците за политичко решение, блокирајќи го секој натамошен чекор.

„Украинската позиција е бескомпромисна. Во нацрт-проектот на изјавата што беше предложена за разгледување, тие одбија да ги наведат договорите од Минск дека прашањата поврзани со постконфликтниот статус на овие територии-Доњецк и Луганск треба да се решат со консултации и дијалог со претставниците на овие региони. Ова е главното прашање за кое Украина одби да се согласи“, вели Димитриј Козак.

Украинскиот шеф на кабинетот на претседателот Андриј Јермак звучеше пооптимистично, истакнувајќи дека страните се согласиле да ги продолжат своите дискусии, поздравувајќи ги четиринасочните разговори како ефикасна платформа.

„Имаме прашања што треба да се решат, но многу е поважно да имаме желба да најдеме решение и договор, и ние ќе продолжиме да работиме на тоа. Денес не можеме да зборуваме за каква било безбедност во Европа без да ја запреме војната во центарот на Европа и без да обезбедиме вистинска и ефикасна безбедност за Украина“, вели Андриј Јермак.

Во меѓувреме, воена помош од сад пристигна во Киев. Пратката е дел од пакетот за безбедносна помош од 200 милиони долари од сад за да се одврати Русија од можната инвазија на Украина. Истовремено американскиот претседател Џо Бајден изјави дека доколку Русија ја нападне Украина, нема да испраќа војници за да ги спасат американските граѓани, повикувајќи ги со време да ја напуштат земјата.

„Нема да испратам трупи. Тоа е светска војна. Кога американците и русите ќе почнат да пукаат еден на друг, ние сме во многу поинаков свет отколку што некогаш сме биле“, изјави Бајден

Американските власти велат дека со повеќе од сто илјади војници кои се приближуваат до источните и северните граници на Украина, заканата од руска инвазија е посериозна од другите што доаѓаа и заминаа во текот на годините на борби меѓу бунтовниците и украинските сили.

Бојана Крстевски