Москва ги зајакнува своите позиции на границата
Според американски висок функционер биле испратени дополнителни 7 илјади војници, наспроти тврдењата на Кремљ за повлекување на трупите.

Додека лидерите на ЕУ во Брисел разговараа за украинската криза, Москва ги зајакнува своите позиции на границата, предупреди Вашингтон. Според американски висок функционер биле испратени дополнителни 7 илјади војници, наспроти тврдењата на Кремљ за повлекување на трупите.
„Нивните зборови се во спротивност со нивните постапки. Тоа можете да го видите на социјалните мрежи, на јавно достапните сателитски снимки, на кој било начин. Инвазијата и нападот би можеле да започнат во секој момент“, изјави портпаролот на стејт департментот Нед Прајс.
Американските војници веќе се упатија кон Европа да ги поддржат сојузниците и партнерите на НАТО. Ќе им се придружат на 18-от воздушен корпус кој е веќе во регионот. За Москва ова е уште еден чин на провокација.
„Најголемата опасност е тоа што ова воено трупање и тие авиони што се испраќаат во Украина ќе поттикнат некои вжештени глави во Киев, кои би можеле да го изгубат чувството за реалност и да почнат провокации против републиките во Донбас“, вели рускиот амбасадор во ЕУ Владимир Чижов.
Украина е на готовс. Се преземаат мерки за заштита на граѓаните во случај ситуацијата да ескалира. Приспособени се околу 5 илјади засолништа од бомби. Тврдат дека повлекувања нема.
„Гледаме голема концентрација на војници. Има некои мали ротации, но не и повлекување на руските трупи“, вели Зелински.
„Сè може да се случи многу брзо. Сите граѓани треба да се подготват да знаат што да прават во критичниот момент“, изјави Андриј Кришченко.
Според европскиот експерт Бен Хоџ, руските сили се како обрач околу Украина и ја задушуваат нејзината економија, загрозувајќи го нејзиниот суверенитет. Тој смета дека ако Кремљ може да ја доведе до колапс украинската економија и влада, тогаш нема да има потреба да почне инвазија.
Бојана Крстевски
