Русија

Путин ги призна Доњецк и Луганск

21.02.2022 21:12

Во вонредното обраќање до нацијата, Путин образложи дека Украина никогаш немала своја вистинска државност и дека модерна Украина е создадена од Русија. Документот е предаден на потпис во Парламентот...

Рускиот претседател Владимир Путин ги призна сепаратистичките региони во Источна Украина како независни држави. Пред очите на целата јавност потпиша указ со кој го признава суверенитетот на самопрогласените републики  Доњецк и Луганск.

Во вонредното обраќање до нацијата, Путин образложи дека Украина никогаш немала своја вистинска државност и дека модерна Украина е создадена од Русија. Документот е предаден на потпис во Парламентот.

„Советска Украина настана благодарение на Болшевичката политика. И во наше време, со добра причина сè уште може да се нарече Украина на Владимир Илич Ленин. Тој е авторот и архитектот.  И сега, благодарните потомци ги урнаа спомениците на Ленин во Украина. Тие го нарекуваат „декомунизирање“. Сакате да бидете декомунизирани? Застанете на половина пат. Подготвени сме да ви покажеме што навистина значи декомунизација на Украина“, нагласи Путин.

Украинскиот претседател, Зеленски на „Твитер“ соопшти дека води итни консултации со неговиот француски колега Макрон и со германскиот канцелар Шолц.

Ваквиот чекор ги зголемува стравуањата на западот дека Русија многу наскоро може да нападне.

Макрон свика итна седница на Советот за одбрана- соопшти Елисејската палата. Со ова се прекршува меѓународното право- порача Брисел. Едностраните потези може да го поткопаат суверенитетот на Украина- велат во ООН.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Борел претходно изјави дека ќе предложи санкции против Русија доколку ги признае регионите.

Со потпишаните договори за пријателство, се очекува Русија  да им даде воена помош на сепаратистите за да ги заштити од, како што тврдат, тековната украинска воена офанзива.