Македонија

Почина академик Радован Павловски

23.02.2022 11:19

Академик Павловски својот живот го посветува на поезијата, која ја твори повеќе од шест децении. Беше член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ. На 10 мај 2006 година е избран за редовен член на МАНУ...

На 84-годишна возраст вчера почина академик Радован Павловски поет, есеист и патописец, соопшти Македонската академија на науките и уметностите во која тој беше редовен член од 2006 година.

Роден е на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија. Неговото семејство во 1940 година се враќа во Железна Река каде што го поминува своето детство и завршува основното образование, а средното во Гостивар. Студирал право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Павловски во континуитет во изминатите шест децении е еден од најпреведуваните македонски поети во светот. Повеќе книги со негова поезија се објавени и преведени во Македонија и надвор од неа: на српски, албански, словенечки, турски, француски, англиски, руски, чешки, романски, есперанто, шведски и бугарски јазик, а во голем број избори на творештвото и на германски, италијански, арапски, грчки и кинески јазик.

Творештвото на академик Радован Павловски е вклучено во разни антологии на современата македонска, европска и светска поезија, соопшти МАНУ која по повод смртта на академик Павловски ќе одржи и комеморативна седница, за која јавноста ќе биде навремено информирана.

Во чест и сеќавање на академик Радован Павловски, МРТ1 ќе ја емитува документарната емисија „Од Река до вечноста - Радован Павловски“, во четврток во 18:15 часот.