Украина прогласи 30-дневна вонредна состојба поради тензиите со Русија
Овој потег може да значи дека на Украинците ќе им биде наредено да останат дома или ќе бидат ставени под полициски час, рече Данилов.

Украина денеска прогласи 30-дневна вонредна состојба поради воените тензии на источната граница со Русија, изјави секретарот на Државниот совет за национална безбедност Олексеј Данилов.
Овој потег може да значи дека на Украинците ќе им биде наредено да останат дома или ќе бидат ставени под полициски час, рече Данилов.
Земјата е пред амбис по руската одлука да ја признае независноста на двата сепаратистички региона во источна Украина и по одобрувањето да се испратат војници за да се спречи, како што Кремљ го нарекува, геноцид врз етничките Руси.
Украина денеска почна да мобилизира резервисти на возраст од 18 до 60 години, со максимален работен период од една година.
Украинското Министерство за надворешни работи ги предупреди Украинците да не патуваат во Русија и ги повика своите граѓани кои се веќе таму да ја напуштат земјата.
