Прва изведба на реквиемот од композиторот Прајснер посветен на Кишловски
Оркестарот на Филхармонијата вечер премиерно ќе го изведе „Реквием за мојот пријател“ на композиторот Збигњев Прајснер, посветен на полскиот режисер Кшиштоф Кишловски...
Оркестарот на Филхармонијата вечер премиерно ќе го изведе „Реквием за мојот пријател“ на композиторот Збигњев Прајснер, посветен на полскиот режисер Кшиштоф Кишловски.
Диригент е Емил Табаков, а како солисти ќе настапат вокалистите Билјана Јосифов, Енди Шен Лиу – Кина/Англија, Бојан Булатовиќ – Србија, Ѓорѓи Цуцковски, Александар Стефаноски, Золтан Борбељ – Србија, на оргули, Каролина Бетер – Германија/Србија, на соло блок флејта, и мешаниот хор „Про Арс“.
Збигњев Прајснер (1955) е еден од водечките композитори на филмска музика, и еден од најзначајните во неговата генерација. Прајснер соработуваше со познатиот полски режисер Кшиштоф Кишловски на неговите филмови „Декалог“, „Двојниот живот на Вероника“, трилогијата „Три бои: сино, бело и црвено“, кои му донесоа интернационална слава.
Токму за неговиот близок пријател и соработник Кишловски го пишува првото поголемо дело – „Реквием за мојот пријател“ што го издава во 1998 година за „Ворнер класикс“. Истата година делото ја доживува и својата светска премиера во Варшава. Делото е издадено и на цеде и на винил од издавачката куќа „Сони Поланд“.
Како што соопштија од Филхармонија, „Реквиемот“ е напишан во девет ставови. Типичен е за музичкиот стил на Прајснер, полн е со експресивни вибрата, а во него употребува и мал машки хор, гудачки квартет, органа и перкусии. Вториот дел е спротивен на првиот, помасовен е во употребата на музичките инструменти, тука Прајснер употребува голем оркестар и голем хор за да ја пренесе својата тонска визија.
Самиот композитор својата музика ја опишува како „гранична линија“. Дека не е ниту филмска музика, ниту класична. Нешто помеѓу.
