Битола

„Демони“- премиерно во Битолскиот театар

24.02.2022 14:35

Вечерва со претпремиерно а утревечер со премиерно издание на психолошката драма „Демони“, во режија на Васил Христов, а работена по текст на скандинавскиот драматург Ларс Норен битолскиот народен театар го започнува годинешниов творечки опус.

Со дел од планираното што го одлагаше минатите две години пандемијата битолскиот народен театар влегува во годинешниов творечки опус. Како прва премиера на сцената се поставува психолошката претстава „Демони „во режија на Васил Христов, а работена по текстот на швеѓанецот Ларс Норен кој важи за еден од највлијателните скандинавски драматурзи.

Режисерот Христов вели текстот првенствено се занимава со човечката психологија и нејзините внатрешни емоции како производ на позицијата во општеството и вината за таквите состојби.

За четиричлената актерска екипа оваа претстава е специфична по тоа што со публиката се комуницира од непосредна близина, актерската игра е збиена а изразните средства на момент се филмски. Предизвик сам по себе е и тематиката на претставата.

До крајот на годината битолскиот ансамбл во одобрената програма доби финансиска поддршка за уште две премиери и Шекспир фестивалот. Планираат со сопствени средства да постават уште две премиери. Тука се и планираните гостувања на театарот. Првото гостување ќе го реализираат веќе в сабота со настапот на сцената во Нови Сад

Стевче Митревски