Украина

Се засилуваат борбите, колона руски оклопни возила пред Киев

01.03.2022 12:44

Се засилуваат борбите во Украина. Километарска колона руски оклопни возила е пред Киев, покажуваат сателитски снимки. Жестоки гранатирања во Харков. Гранатиран и главниот плоштад во градот. Има цивилни жртви. Се јавува и за десетици загинати украински војници. Украинскиот претседател Зеленски обвинува за употреба меѓународно забранети гранати. Побара Москва да одговора за воени злосторства. Руската берза сѐ уште затворена, рубљата во слободен пад...

Бомбардирани станбени згради, загинати и повредени. Се засилуваат борбите во Украина. Жестоки гранатирања во Харков, погоден е и главниот плоштад. Десетици цивили, вклучително и деца загинаа во ракетирањето. Градоначалникот Терехов повика на единство и солидарност меѓу жителите.

„Минуваме низ многу тешко време. Денешниот ден покажа дека ова не е само војна, туку е и убиство. За прв пат во својата долга историја, градот Харков го доживеа ова, гранатите што погодија станбени згради убиваат и осакатуваат невини цивили“, изјави Ихор Терехов, градоначалник на Харков.

Во Киев ноќта помина мирно, но километарска колона руски оклопни возила е пред влезот на главниот украински град. Се подготвуваат одбранбени објекти. Во украинската престолнина има струја, вода и греење, а болниците работат со зголемено темпо. Од денеска во сила е забранета продажбата на алкохолни пијалаци, а истите ќе бидат отстранети од продавниците.

Портпаролот на украинските воздухопловни сили вели дека руските трупи претрпеле огромни загуби од воздушни напади, противвоздушни ракетни сили и беспилотни летала.

„Империјата ќе биде казнета за злосторства против човештвото. Особено за куќите уништени денес во Бровари, Василков, Била Церква и Токмак, за гранатирањето на Харков, за училишта и градинки, за убивање и ранување на цивили“, изјави портпаролот на воздухопловните сили на Украина, потполковник Јуриј Игнат.

За пет дена од руската инвазија, Украина била погодена од 56 ракетни напади и 113 крстосувачки проектили. Најмалку 70 украински војници загинале кога руски војници гранатирале воена база во градот Охтирка, кој се наоѓа меѓу Харков и Киев. Украинскиот претседател Зеленски обвинува за употреба меѓународно забранети гранати. Побара Москва да одговора за воени злосторства.

„Ова е кршење на сите конвенции. Никој на светот нема да ви прости што убивате мирољубив украински народ. Дефинитивно ќе постои меѓународен суд за ова злосторство. Злото наоружано со проектили, бомби и артилерија мора веднаш да се запре и економски да се уништи. Мора да покажеме дека човештвото знае да се брани“, нагласи украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Меѓународната заедница повикува да запре војната. Генералниот секретар на ОН, се заложи за мир во Украина.

Европскиот парламет бара построги санкции кон Русија и покрај веќе воведените. Брисел бара ограничувања на увозот на руска нафта и гас во Унијата. Во моментов Русија се соочува со серија протести низ целата држава поради инвазјата на Украина, изолација од меѓународните финасиски пазари и пад на рубљата. Руската берза сѐ уште е затворена.

 

Маријана Димовска