Бегалска криза

ЕУ: Бегалците може да останат до три години

01.03.2022 13:02

Се продлабочува и бегалската криза во Украина. Илјадници украинци ги напуштија своите домови, бегајќи од жестоките руски напади. Се прават безбедни коридори за извлекување на цивилите од повеќе градови. Досега над 660 илјади бегалци ја напуштиле Украина.

Реки бегалци ги напуштаат своите домови, бегајќи од руските напади во Украина. Брисел планира да им дозволи да останат три години. Се подготвуваат нацрт-предлози со кои на украинските бегалци ќе им се даде заштита да останат и да работат во земји-членки до три години.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд рече дека е должност на ЕУ е да ги земе оние што бегаат од војна.

„Доаѓавме овде секој ден, кога се огласуваше сирената, потоа моравме да се симнеме од 12-от кат, а потоа повторно да се качиме. И така 4 до 5 пати во текот на денот.“

„Не сакам да ја напуштам Украина. Сакам да останам во мојата земја.“

„Само сакам да си одам дома. Оставив се. Ги напуштив студиите. Молете се за нас.“

„Ова е ужасно. Навистина катастрофа. Никогаш не мислев дека вакво нешто може да се случи во мојата земја.“

„Мислам дека се ќе биде во ред, вистината ќе надвладее. Ние сме силна и обединета земја.“

„Ние им гарантираме транспорт на бегалците до границата. Или ги доведуваме во контакт со луѓе кои можат да понудат засолниште.“

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер изјави дека сите земји-членки на ЕУ се подготвени да прифатат бегалци од Украина, додавајќи дека земјите се солидарни со украинскиот народ.

Европскиот комесар за управување со кризи, Јанез Ленарчиќ, процени дека бројот на раселени украинци поради конфликтот може да биде дури седум милиони, нарекувајќи го „најголемата хуманитарна криза на европски континент по многу години“.

Полска информираше дека од почетокот на конфликтот околу 350.000 украинци влегле во земјата. Според процените, стотици илјади се внатрешно раселени во самата Украина.

Бразил планира да воведе „хуманитарен пасош“ за прием на бегалци од Украина.

Украинската агенција „Укринформ“ пренесува податоци на ОН според кои од почетокот на воените дејствија Украина ја напуштиле повеќе од половина милион луѓе.

Марина Ристова