Свет

Европските берзи втор ден по ред во пад

04.03.2022 11:14

Утринава лондонскиот FTSE индекс се намали за 0,57 отсто на 7.197 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,44 отсто на 13.500 поени, а париски CAC 1,60 отсто на 6.276 поени.

Акциите на европските берзи од утринава бележат пад, втор ден по ред, додека траат руските напади врз градовите низ Украина.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 0,8 отсто денеска во 9:30 часот, откако вчера падна за околу 2 отсто. Утринава лондонскиот FTSE индекс се намали за 0,57 отсто на 7.197 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,44 отсто на 13.500 поени, а париски CAC 1,60 отсто на 6.276 поени.

Цените и на азиските берзи паднаа, па MSCI Азиско-пацифичкиот берзански индекс, без јапонскиот, беше во минус од 1,6 отсто околу 9:30 часот и падна на најниско ниво во последните 16 месеци. На токиската берза индексот Nikkei потона за повеќе од 2 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Јужна Кореја и Хонг Конг паднаа меѓу 0,6 и 2,5 отсто.

Берзите рано утринава беа под силен притисок по веста дека избувнал пожар во украинската нуклеарна централа Запорожје, најголемата во Европа, по руското гранатирање и дека е измерено покачено ниво на радиоактивност.