Зеленски ја обвини Русија за нуклеарен тероризам
Пожарот во нуклеарката во Запорожје е изгаснат. Најголемата централа во Европа под контрола на руската војска. Украинскиот претседател Зеленски ја обвини Русија за нуклеарен тероризам...

Изгаснат е пожарот во нуклеарната централа Запорожје. Огнот избувна по серијата руски гранатирања во близина на централата. Областа е под контрола на руската армија, јавуваат украинските медиуми. Огнот ја зафатил управната зграда, но бил локализиран во текот на ноќта од украинската безбедносна служба. Украинскиот претседател Зеленски ја обвини Русија за нуклеарен тероризам.
„Луѓето во Украина преживеаја ноќ која можше да ја запре историјата, историјата на Украина, историјата на Европа. Руските војници ја нападнаа најголемата нуклеарна централа во Европа. Оваа централа е шестпати помоќна од Чернобил. Руските тенкови знаеја во што пукаат. Тие директно ја погодија централата. Ова е терор од невидено ниво. Украина има 15 блокови на нуклеарни централи, но руската војска целосно ја загубила меморијата за светската трагедија на Чернобил“, нагласи Зеленски.
Од Меѓународната агенција за атомска енергија изразија загриженост и од опасноста да се предизвика хуманитарна катастрофа. Информираат оти во инцидентот не биле погодени нуклеарните реактори. Директорот Гроси понуди посредување меѓу украинската и руската страна за заемно гарантирање на безбедноста на нуклеарната централа.
„Време е да реагира Меѓународната агенција за атомска енергија. Украина ни испрати барање за итна помош, имајќи ги во предвид случувањата и ризиците кои следуваат доколку се продолжи со операциите, ги повикав и двете страни да се држат до принципите и оти подготвен сум да отпатувам до Чернобил што е можно поскоро“, рече директорот на МААЕ, Рафаел Гроси.
Жестоки борби се водат и во други украински градови. Силни експлозии одекна во Чернихив. Од украинскта служба за вонредни состојби јавуваат за гранатирани станбени згради, а погодено е и складиште на нафта. Се јавува за десетици загинати цивили. Борби сѐ уште се водат и во Мариопул. Се бројат жртвите и ранетите во Харков, а градот Харсон веќе е под контрола на руската војска.
„Ова е ужасно, ништо не остана. Ова е незамисливо, погледнето го ова, и другата зграда е погодена“, вели жител на Чернихив.
Во големите руски градови не стивнуваат анти- воените демонстрации. Десетици приведени во Москва и Санкт Петерсбург на собирите со кои граѓаните бараа ставање крај на руската воена инвазија врз Украина. Стотина нобеловци преку отворено писмо побараа итен прекин на огнот и ја повикаа Руската Федерација да ја повлече војската од Украина.
Маја Стојанова
