Европската Комисија ќе одлучува за кандидатскиот статус на Украина
Украина има европска перспектива, но за доделување на кандидатски статус ќе одлучува Европската Комисијата, се договориле лидерите на земјите членки на неформалниот Совет во Версај, Франција. Мнозинството членки не биле за скратен пат до кандидатски статус за Украина како што бараше Киев. Советот решил двојно да ја зголеми воената помош за Украина и да воведе дополнителни санкции за Русија.

Европскиот совет ги призна европските аспирации на Украина и ја поканил Европската Комисија да го достави своето мислење за доделување кандидатски статус. Ова го заклучиле лидерите на земјите членки на неформалниот Совет во Версај, Франција. Сепак, дел од земјите членки не биле за брз прием на Украина во ЕУ. Особено Холандија, која смета дека кандидатите Северна Македонија и Албанија треба да почнат преговори со ЕУ пред Украина.
„Барањето за кандидатски статус на Украина, сега е во процедура и ќе биде испратено во комисијата. Но за тоа ќе треба време, месеци, можеби и години пред да се добие нешто“, изјави премиерот на Холандија Марк Руте.
„Поголемото мнозинство чиј дел е и Словенија упати јасна порака како што упативме и за западниот Балкан во Солун во 2003-та, дека членството во ЕУ ќе биде дадено, но се разбира не утре. Украина ќе стане само кандидат и потоа ќе им помогнеме да го изодат патот што е можно побрзо“, изјави премиерот на Словенија Јанез Јанша.
Европските лидери на неформалниот Совет решиле двојно да ја зголемат воената, хуманитарната и медицинската помош за Украина. Како и усвојување на нов пакет санкции за Русија.
„Советот одлучи двојно да ја зголеми воената помош со дополнителни 500 милиони евра за украинските воени сили. веднаш ќе воведеме дополнителни санкции против олигарсите и руската економија“, изјави Џозеф Борел.
Европските лидери побарале Русија веднаш да се повлече од Украина и да ги почитува нејзините меѓународни утврдени граници, да се обезбедат коридори и привремено прифаќање на бегалците и помош за обнова на земјата по завршување на конфликтот.
Ирина Гелевска
