Воен конфликт

Руската офанзива се проширува во повеќе украински градови

11.03.2022 12:58

Русија ја проширува офанзивата во повеќе украински градови. Конвојот кој од минатата недела се упати кон Киев веќе не се гледа на сателитските снимки. Светската здравствена организација инсистира Украина да ги уништи сите опасни патогени во лабораториите за да се спречи здравствен ризик при напад врз тие објекти. Американскиот конгрес усвои буџет за Украина. Киев ќе добие 14 милијарди долари во вид на хуманитарна и воена помош.

Ни интензивните дипломатски обиди за мировно решение ниту санкциите не успеаја да ги прекинат воените дејствија во Украина. Руската армија ја проширува офанзивата. Властите на Мариупол тврдат дека градот бил изложен на артилериски удар на секои триесет минути. 400 илјади луѓе се заробени во овој пристаништен град. Воздушни напади и во Дњепар при што има жртви. Погодени се градинка, станбена зграда и двокатна фабрика. Сателитските снимки покажуваат дека 64-километарскиот руски конвој кој од минатата недела се движеше кон Киев е растурен и разместен. Според компанијата „Максар текнолоџис“, дел од возилата се во шумите.

„Изутринава со високопрецизно оружје со долг дострел беа нападнати воени објекти на Украина. Онеспособени се воените аеродроми Луцк и Ивано-Франковск. Во последните 24 часа, борбените авиони и военото воздухопловство соборија три украински хеликоптери Ми-24, осум дрона, вклучувајќи и пет Бајрактар ТБ2. Оперативно-тактичката и воената авијација погодија 107 објекти на украинските вооружени сили“, изјави портпаролот на руското министерство за одбрана Игор Конашенков.

Конфликтот се прелеа и во економијата и медиумскиот простор, а сега веќе се стравува и од можна здравствена криза. Москва тврди дека САД финансирале воено-биолошки програми во Украина. Киев и Вашингтон негираат дека се подготвува напад со хемиско и биолошко оружје.

„Ние сме разумни луѓе. Јас сум претседател на една разумна држава и разумен народ. Во мојата земја не се развива никакво оружје за масовно уништување. Целиот свет го знае тоа“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Нивната влада користеше забранети хемиски оружја врз сопствениот народ. Тоа го правеа на руска територија. Го направија и на британска. Го поддржаа бруталниот режим на Асад кој исто така употребуваше забрането хемиско оружје против својот народ. Поради тоа, знаеме дека ова е влада која се служеше со ова во минатото. Друг загрижувачки фактор се тактиките на Кремљ, особено во дезинформирањето“, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

Во меѓувреме, СЗО побара од Украина да ги уништи сите опасни патогени во лабораториите на јавното здравство за да се спречи ширење на болести. Проблемот е тема на дискусија и на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите Нации.

Маја С. Филдишев