Сè уште не се знае дали дронот е од руската или украинската армија
Беспилотното летало дошло од правец на Унгарија, а според унгарскиот премиер Орбан, во земјата пристигнало од правец на Романија.

Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ вели дека дронот што синоќа се урна во Загреб е од руско производство, но сè уште не се знае дали е од руската или украинската армија. Беспилотното летало дошло од правец на Унгарија, а според унгарскиот премиер Орбан, во земјата пристигнало од правец на Романија.
„Се истражува дали се работи за грешка или изгубена контрола. Дронот летал над Хрватска неколку минути, а потоа се урнал во Загреб. Добро е што нема повредени, што паднал на дел кој не е станбен“, изјави премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ.
„Знаеме што е предметот и од каде потекнува. Леташе над Унгарија 40 минути, а уште седум минути над хрватска територија. Тоа е сериозен инцидент и така го третираме. Ги повикувам граѓаните да бидат спокојни. Оценуваме дека овој чин не бил насочен против Хрватска“, изјави претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ.
Шефот на хрватската држава нагласи дека радарите го откриле дронот, но дека не можеле ништо да направат бидејќи времето било многу кратко.
„Од витално значење е да се утврди како се случило ова, за да не се повтори. Потоа ќе се занимаваме со цивилна заштита и други служби кои треба да бидат на готовност за вонредни ситуации. Ова беше без преседан. Ништо слично никогаш не се случило“, изјави градоначалникот на Загреб Томислав Томашевиќ.
„Имаше голема експлозија. Живееме овде во павилјонот 9 и видовме облак чад. Наеднаш луѓето почнаа да трчаат и да врескаат. Беше страшно“, вели студент од Загреб.
„Од студентскиот дом ни наложија да ги затвориме прозорците и да го исклучиме греењето. Никој не мислеше дека нешто паднало од небото, имаше само паника за војната“, рече студент.
„Одевме кон дома, кога видовме некакво црвено светло и звук како шушкање. Видовме луѓе како бегаат. Дојдовме тука и луѓето ни кажаа дека има голем кратер во земјата со парчиња железо“, рече очевидец.
„Бев на друго место од павилјонот и веднаш излегов. Се почувствува ужасна миризба, нешто како плин. Не знам што беше тоа“, вели очевидец.
„Дефинитивно беше летачки објект. Го видовме. Видовме трага на небото додека паѓаше, како забрзува моторот. Не знаеме што беше тоа“, вели очевидец.
Посочено е дека дронот изгубил контрола, но дека е бесмислено како не толку софистициран дрон можел да помине неколку часа преку земјите членки на НАТО, а никој да не го забележи.
Марина Ристова
