Регион

Бербок со порака до Вучиќ: Патот во ЕУ е и усогласување со политиките

11.03.2022 17:53

Кој ги дели европските вредности не може да стои настрана, изјави германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок на средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Кога станува збор за војната во Украина, мора да има јасни ставови во целата меѓународна заедница и процесот на пристапување во ЕУ мора да вклучува подготвеност да се застане зад мислењето на ЕУ. Кој ги дели европските вредности не може да стои настрана, изјави германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок на средбата со претседателот Александар Вучиќ.

„Во овој момент мора да имаме јасни позиции не само внатре во Европа, туку и целата меѓународна заедница. Дел од пристапувањето во ЕУ е подготвеноста да се усогласат позициите со заедничките позиции на ЕУ. Во Генералното собрание на ОН, земјите јасно ја осудија руската агресија и одлуката на Србија да се приклучи се цени во Германија. Целта на оваа осуда беше претседателот на Русија, Владимир Путин и неговите милитантни помошници. Затоа е важно да имате јасен став, а не да ја вртите главата. Сега треба да следат дела, луѓето на Балканот знаат што значи војна и колку е скапоцен мирот“, изјави Бербок.

Претседателот Вучиќ одговорајќи на новинарско прашање дали е подготвен да се дистанцира од Владимир Путин, а што позитивно ќе се одрази на преговорите на Србија со ЕУ, кажа дека „од почеток на нападот на Украина немал личен контакт со руските официјални лица, така да нема од што да се огради, бидејќи позицијата на Србија кон Украина е јасна. Вучиќ праша што згрешила Србија и каква врска има со конфликтот во Украина.

„Не зборуваме за личности и кај нема љубов и омраза, туку за почитување на меѓународното јавно право и нормите. Исто како што Украина ги почитуваше по прашањето на Србија и територијалниот интегритет на Србија. Така и ние го почитуваме територијалниот интегритет на Украина и никогаш не се изјаснивме против тоа. И во Генералното собрание на ОН, ние поддржавме дека нападите и заканите за територијалниот интегритет на Украина се неприфатливи, не затоа што сакаме некого или не, туку затоа што тоа се норми на меѓународното јавно право“, нагласи Вучиќ.

На прашањето дали е на страната на Путин или на санкциите, Вучиќ кажа дека „би можел да зборува за тоа, кој и какви санкции по потреба се воведуваат и кога ќе бидат воведени, но разговарав за тоа со Бербок и ѝ благодарам што сакаше да ги слушне ставовите на Србија“.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ