Руските сили напредуваат кон украинската престолнина
Изутринава повторно се огласија сирените за тревога. Гранатирани регионот на Киев и на Дњепар. Руските сили напредуваат кон украинската престолнина. Дел од конвојот е уништен со ракетен напад, соопштија од украинското Министерство за одбрана. Претседателот Зеленски со апел до руските мајки, не ги испраќајте вашите деца во војна …
Русија ја проширува својата операција кон западниот дел на Украина. Се интензивираат вооружените пресметки и североисточно од Киев. Покрај предупредувачките сирени, на главниот плоштад во престолнината изутринава одекнуваше мелодијата на националната химна.
Сирените се огласија и во неколку други градови, вклучувајќи ги и Одеса, Суми и Дњепар. Степенот на материјалната штета предизвикана од нападите е видлив и на сателитските снимки. Миколаив е еден од градовите кои не се предаваат така лесно и покрај напредокот на непријателот.
„Пруживме отпор кон непријателот на границите на околу 15-20 километри во јужниот и западниот дел, сега се речиси опколени, ние ги напаѓаме. Знаеме дека победуваме во оваа битка, но не и во војната“, изјави Виталиј Ким, градоначалник на Миколаив.
„Затворете го небото, не можеме да работиме под бомби и ракети, опасно е“, вели доктор Александар Димјанов.
„Овде е прегласно, особено навечер“, рече жител на Миколаив.
Украински извори тврдат дека руски авион прелетал во белорускиот воздушен простор со цел да се вклучи во конфликтот. Претседателот Володимир Зеленски со порака до руските мајки – не праќајте ги синовите во војна. Тој ја обвини администрацијата на Москва и за киднапирање на градоначалникот на Мелитопол, Иван Федоров. Обвинителството на Луганска народна република тврди дека против него се водел судски случај поради извршување на терористички активности и финансирање на ултрадесничарската политичка партија „Десен сектор“ за операции против цивилното население на Донбас.
„Киднапирањето не е злосторство против поединецот или конкретното општество во Украина. Тоа е криминал против демократијата. Ве уверувам, 100% од народите во сите демократски држави ќе дознаат за ова. Дејствијата на руските окупатори ќе бидат изедначени со оние на терористите на Исламска држава“, изјави украинскиот претседател Зеленски.
Се интензивира и економската и медиумската пресметка. САД ѝ воведе санкции на Русија и за криптовалутите. Оттаму се повлекува и најголемата германска банка „Дојче банк“ којашто се приклучи на егзодусот на западните компании. „Јутјуб“ го блокираше пристапот до каналите поврзани со руските државни медиуми.
Продолжуваат и меѓусебните обвинувања за план за употреба на хемиско или биолошко оружје меѓу Вашингтон и Москва. Обединетите Нации тврдат дека не се запознаени со таква програма во Украина. Поради ова прашање, Русија го свика вчерашниот вонреден состанок во Советот за безбедност, но нејзините тврдења беа отфрлени.
Маја С. Филдишев
