Русија продолжува со нападите
Не престануваат воените напади на руската војска во Украина. Осум проектили се истрелани кон Украинскиот центар за меѓународен мир и безбедност во Лавов, на околу 25 километри од границата со Полска. Зеленски изјави дека во 17-дневната војна со Русија загинале 1.300 украински војници. Пентагон нема конкретни докази дека Русија би употребила хемиско оружје во Украина …
Руската војска успеа да се пробие до најзападните делови на Украина. Во последните операции ѝ беше зададен нов сериозен удар на воената инфраструктура. Уништени е воената база во Лавов во близина на границата со Полска, како и аеродромите во Ивано-Франкивс и во Луцк. Во нападот има и жртви. Од руското министерство за одбрана објавија снимка од воената акција за освојување на стратегиската воена база Хостомел во близина на Киев.
„Онеспособени се вкупно 3.687 објекти на украинската војска. Уништени се 99 авиони, 128 беспилотни летала, 1.194 тенкови и други оклопни возила“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Под непријателски оган се најде и патнички воз за евакуација во Доњецк при што загинал кондуктерот, а друго лице е повредено.
Според претседателот на Украина Зеленски, Москва се обидува да создаде нови т.н. „псевдорепублики“.
„Русија ја претвора својата држава во аналогија на таканаречените „Доњецка народна република“ и „Луганска народна република“. Во голема област, изолирана од остатокот од светот каде што владее сиромаштијата, каде што сè се одредува само со насилство“, рече украинскиот претседател Зеленски.
Тројца негови советници објавија снимка од центарот на Киев кој наликува на град на духови.
„Киев е секогаш убав. Дури и во воени времиња“, изјави Михаил Подолјак, шеф на кабинетот на претседателот Зеленски.
„Штета што е вака празен градов, но успеавме да најдеме кафе“, рече Давид Аракамиа, лидер на парламентарното мнозинство на Украина.
Во Лавов се врши воена обука на цивили за користење на оружје. Листите на чекање се долги, интересот е голем. Доброволците се потребни за уличните патроли и контролните пунктови.
„Обучената војска е во првите редови така што имаме недостиг од инструктори. Да не беше така, ќе можевме да обучуваме 500 лица на ден наместо 150“, нагласи Назар Брезиски, организатор на обуката.
„Москва и Киев продолжуваат да преговараат преку видеоврска“, тврди Кремљ. Германија и Франција побараа од рускиот претседател Путин итен прекин на огнот. Зеленски му предложи на израелскиот премиер Нафтали Бенет преговорите да се одржат во Ерусалим. Руската инвазија во Украина трае 18 дена.
Маја С. Филдишев
