Воен конфликт

Ново продолжение на преговорите Москва-Киев

16.03.2022 10:01

Нови напади врз Украина. Погоден облакодер во Киев, експлозии во Запорожје и Одеса. Спасувачите евакуираа лица, има повредени. Ново продолжение на преговорите Москва-Киев. Американскиот Сенат донесе резолуција со која Путин се осудува како воен злосторник.

Се разгорува ситуацијата во Украина. Гранатирањата не изостанаа и ова утро. Густ облак чад се издига над небото на Киев. Сирени за тревога се огласија и во Лавов, Харков, Одеса и Дњепар.

„Имаше многу бомбардирања. Јас сум само дете и се плашам од војната. Не сакам војна“, вели момче од Лавов.

Хуманитарните коридори се во функција, и според наводите на украинските власти, речиси 30 илјади луѓе се евакуирани од блокираните градови.

Во исчекување на новото продолжение на преговорите Москва-Киев, се огласи претседателот Зеленски.

„Третата недела е при крај. Сите сакаме мир што е можно поскоро и сите сакаме да победиме. Секојпат постои она чувство-уште малку и ќе го добиеме она што ни припаѓа-Украина. Но сè уште се потребни напори и трпение“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.

Украинската делегација се надева на можен компромис, иако според претставникот Подољак, процесот е тежок и постојат суштински противречности.

Силна порака за поддршката на Украина е посетата на тројцата премиери на Словенија, Чешка и Полска.

„Оваа инвазија и крвопролевањето мора да престанат. Вашите мајки, вашите деца, вашите сопруги се безбедни, но оние што беа убиени од Путин, никогаш не можат да бидат заборавени“, изјави премиерот на Полска Матеуш Моравјецки.

Во меѓувреме, Американскиот Сенат донесе резолуција со која Путин се осудува како воен злосторник. Со ова се охрабрува Меѓународниот кривичен суд во Хаг и другите земји да ја земат за цел руската војска во секоја истрага за воени злосторства извршени за време на руската инвазија на Украина. Хашкиот трибунал денеска решава по жалбата на Украина, дали ќе и суди на Русија за геноцид.

Бојана Крстевски