Над 3 милиони бегалци досега се раселени од Украина, соседните земји со најголема поддршка
Поради конфликтот со Русија, од Украина побегнале над 3 милиони луѓе. Помош и поддршка добиваат во соседните земји каде што секојдневно пристигнуваат во огромен број. Повеќето заминуваат кон западниот дел на Европа. Други се премислуваат и сакаат да се вратат во татковината и покрај жестоките битки.

Војната во Украина расели милиони лица. Полска, Словачка и Унгарија ги засилија напорите за да им обезбедат сместување и поддршка. Истовремено тоа е шанса и за нов почеток.
„Не сакаме да одиме во Русија“.
„Ги подготвувам децата за училиште, па размислувам за иднината. Планирам да се вратам во Украина, семејството ми е таму“.
„Мажите останаа да го бранат Дњепар, а ние дојдовме во Полска бидејќи беше неподносливо. Заспивавме и не знаевме дали ќе се разбудиме“.
За мајките се бара работа, за децата училишта и градинки. Обезбедена им е и психолошка помош.
„Зборував со директорите на неколку училишта. Децата имаат проблем во прилагодувањето бидејќи часовите се на полски јазик, а повеќето Украинци не го разбираат“, вели Ирина Панашевич доброволец.
„Многумина од нив се со попреченост, сериозни трауми, церебрална парализа и психички проблеми. Повеќето деца имаат психози, дури и при пукање на балон. Плачат и се плашат. Тие патувале со воз од град до град и се соочиле со војната“, вели психолог од Запорожје Олена Хеждицка.
Нов бран бегалци и во Молдавија, но таму семејствата се сместуваат привремено и децата не одат на училиште. Времето го минуваат со игра и цртање. Во просторијата имаат и т.н. Ѕид на надежта на којшто поставуваат слики и пораки.
„Децата користат најчесто топли бои. Секогаш имаат сина и жолта, симболот на нивната земја, дури и кога обојуваат помалечки делови. Нивната емоционална состојба ја пренесуваат на хартија“, вели Ирина Пурсари психолог.
Унгарија којашто со години одбиваше да прими бегалски карвани од Блискиот исток, сега е подготвена за поддршка на сите Украинци со уредна документација за нивното државјанство. Во земјата веќе стигнале десетици илјади. По неколку дена поминати од другата страна на границата, дел од нив веќе сакаат да се вратат дома.
„Имам некакво чувство, необјасниво, не знам како да објаснам. Таму сум родена, тоа ми е домот. Моравме да заминеме, но сега сакам да се вратам. Синовите не се согласуваат, но јас решив. Знам дека Путин нема да ме чека со цвеќе“, вели Клара Улиганич.
Поради војната, над 3 милиони луѓе побегнале од Украина.
Маја С. Филдишев
