Воен конфликт

Зеленски: Преговарачките позиции сега се многу пореалистични

16.03.2022 14:00

Нови напади врз Украина. Погоден облакодер во Киев, експлозии во Запорожје и Одеса. Продолжуваат преговорите Москва-Киев. И двете страни гледаат надеж за компромис. Според Зеленски, сега е пореалистично сценарио. Лавров смета дека постои надеж за компромис. Американскиот Сенат донесе резолуција со која Путин се осудува како воен злосторник.

Се разгорува ситуацијата во Украина. Гранатирањата продолжуваат. Густ облак чад над небото на Киев. Екипи на терен ги евакуираат луѓето откако проектил погоди станбена зграда. Има загинати.

Украинските пратеници одржаа итна седница во Законодавниот дом во Киев поради тековната руска инвазија.

„Само што ја завршивме вонредната парламентарна седница. Неверојатно. Пеењето химна во ова време беше многу емотивно. Стоиме и се надеваме дека светот ќе го види тоа и ќе помогне да продолжиме да се бориме“, изјави Ина Совсун пратеничка во парламентот на Украина.

Сирени за тревога се огласија и во Харков, Дњепар, Одеса, Запорожје и Лавов.

„Имаше многу бомбардирања. Јас сум само дете и се плашам од војната. Не сакам војна“, вели момче од Лавов.

Паралелно со гранатирањата, продолжуваат преговорите меѓу Москва и Киев. И двете страни гледаат надеж за компромис, кој според Зеленски, сега е пореалистично сценарио. Шефот на руската дипломатија Лавров, потврдува дека преговорите не се лесни, но дека се надежни и порача дека Москва ќе притисне Украина да се откаже од кандидатурата за влез во НАТО, да има неутрален статус и како што вели, да се демилитаризира.

„Третата недела е при крај. Сите сакаме мир што е можно поскоро и сите сакаме да победиме. Секојпат постои она чувство-уште малку и ќе го добиеме она што ни припаѓа-Украина. Но сè уште се потребни напори и трпение“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Силна порака за поддршката на Украина е посетата на тројцата премиери на Словенија, Чешка и Полска. Европските лидери ветуваат помош за земјата.

„Оваа инвазија и крвопролевањето мора да престанат. Вашите мајки, вашите деца, вашите сопруги се безбедни, но оние што беа убиени од Путин, никогаш не можат да бидат заборавени“, изјави премиерот на Полска Матеуш Моравјецки.

Во меѓувреме, Американскиот Сенат донесе резолуција со која Путин се осудува како воен злосторник. Со ова се охрабрува меѓународниот кривичен суд во Хаг и другите земји да ја земат за цел руската војска во секоја истрага за воени злосторства извршени за време на руската инвазија на Украина.

Бојана Крстевски